Полицијата во Словенија штрајкува со пишување помали казни

Полицајците во Словенија од денеска штрајкуваат со пишување помали казни за прекршоци што не загрозуваат јавна безбедност, бидејќи владата не ги исполнува нивните барања за зголемување плати и подобрување на условите за работа, пренесуваат словенечките медиуми.

Протестот е наречен „бел штрајк“ и според полицискиот синдикат тој потег нема да ја загрози безбедноста на државните граници.

Полицијата бара просечно покачување на платите за 15 проценти. Штрајкот првично започна во февруари, но беше одложен во март кога оставка поднесе претходниот премиер што предизвика предвремени избори во земјата.

„Положбата на полицајците е лоша и токму затоа се намалува бројот на полицајци во земјата“, рекол претседателот на полицискиот синдикат Радивој Урошевиќ, пренесува Ројтерс.

Тој додал дека за време на штрајкот полицијата ќе интервенира за потребите на државата и граѓаните.

Според словенечки медиуми, со помалите казни полицајците намалуваат приходи во државниот буџет. Новиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар најави дека е подготвен да разговара со претставници на полицискиот синдикат за нивните барања.