Полицијата во Словачка уапси осомничени за убиството на новинарот Јан Кучиак

Словачката полиција уапсила еден или повеќе осомничени за убиството на истражувачкиот новинар Јан Кучиак и неговата свршеница. Случајот ја собори владата во земјата, додека улогата на полицијата во целиот процес е далеку од транспарентна, пишува Дојче Веле.

Адвокатот Даниел Липсич, кој ги застапува семејствата на Кучиак и Мартина Кушнирова. Изјавил дека осомничените се уапсени утринава, додека локалните медиуми јавуваат за едно или повеќе апсења.

Словачката полиција, на нивната фејсбук страница, информирале дека уапсиле „лица осомничени за насилно кривично дело и спроведуваат претреси на домови“, иако не прецизирале за кој случај станува збор.

Премиерот Петер Пелегрини на социјалната мрежа напиша: „Полицијата уапси осомничени за убиство на две невини млади лица“, додавајќи дека тековната истрага е „приоритет“ за неговата влада.

Кучиак, кој истражувал за политичката корупција во Словачка, беше пронајден застрелан заедно со Кушнирова во нивниот дом на периферијата на Братислава на 21 февруари. Словачките власти соопштуваа дека сметаат дека убиствата се поврзани со истражување на Кучиак за раширена корупција во власта и поврзаноста на политичари со италијански гангстери.

По убиствата следеа масовни протести кои го принудија на оставка поранешниот премиер Роберт Фико и министерот за внатрешни работи Роберт Калинак, како и шефот на словачката полиција, Тибор Гаспар.

Кучиак истражувал за наводната улога на италијанската криминална група „Ндрангета“ во извлекување на земјоделски субвенции од Европската Унија наменети за Словачка. Тој открил врски меѓу словачки функционери, најголемиот дел од владејачката партија СМЕР, и италијански семејства поврзани со мафијата од Калабрија. Неговите колеги ги објавија текстовите по неговата смрт.

Словачката полиција беше обвинувана за уништување на доказен материјал, недостаток на транспарентност и несоодветно испитување на соработниците на Кучиак.