Полицијата со солзавец го разбиваше осмомартовскиот протест во Истанбул

Турската полиција синоќа употребила солзавец врз граѓаните собрани на протестен марш по повот Меѓународниот ден на жената во центарот на Истанбул.

Најголемиот дел од демонтрантите на Плоштадот Таксим биле жени на кои полицијата им го блокирала патот откако тие сакале да го продолжат маршот кон главната пешачка авенија.

Граѓаните носеле транспаренти на кои пишувало „Феминистички револт против насилството на мажите и сиромаштијата“ и „Родена сум слободна и ќе живеам слободно“. Голем број од жените носеа виолетова облека, како симбол на движењето за правата на жените.

Видеоснимки на социјалните мрежи покажуваат како полициските сили ги гураат демонстрантите и употребуваат солзавец за да ја разбијат толпата. Според АФП, полицијата користела и кучиња за да ги насочи граѓаните кон споредните улички во Истанбул.