Полицијата се судри со демонстрантите во Тунис на десетгодишнината од „Арапската пролет“

Насилни протести предизвикани од тешката економска состојба синоќа избиле во шест туниски градови.

Судири меѓу полицијата и граѓаните се случиле во крајбрежниот град Суса. Стотици демонстранти палеле гуми, блокирале патишта и фрлале камења кон полицијата, на што полицијата одговорила со солзавец, пренесе Ал Џазира.

Според полицијата, млади луѓе во Суса почнале да кршат продавници.

Видео кое се појавило на социјалните мрежи, на кое се гледа како во градот Силиана полицаец претепува овчар, предизвикало голем револт кај граѓаните.

Демонстрациите се случуваат додека Тунис ја одбележува десетгодишнината од револуцијата која во земјата го сруши од власт поранешниот претседател Бен Али, пренесува Ројтерс.

Токму масовните протести кои се случуваа тогаш во Тунис беа инспирација за „Арапската пролет“ кога граѓаните од повеќе арапски држава масовно почнаа да бараат демократија во своите земји.

Сепак десет години по овие настани во Тунис економската ситуација е многу влошена и државата се наоѓа на работ на банкрот.

Премиерот Хишем Мехиши поради масовното незадоволство во јавноста направи реконструкција на владата и назначи нови министри за внатрешни работи, енергетика и правда.