Полицијата се судри со демонстрантите на годишнината од референдумот во Каталонија

Демонстрантите се судрија со полицијата во Барселона откако илјадници луѓе протестираа низ градовите во Каталонија за да ја одбележат првата годишнина од оспорениот референдум за независност од Шпанија.

На улиците во Барселона маршираа повеќе од 180 илјади демонстранти. А стотици активисти ја блокираа брзата железница на неколку часа. Блокирани биле и повеќе локални и магистрални патишта.

Полицијата ги разби демонстрациите пред регионалниот парламент на Каталонија.

Каталонија одржа референдум на 1-ви октомври 2017 година, а сепаратистичката влада прогласи независност на 27-ми октомври. На референдумот, во немили сцени, шпанската полиција се обидуваше да ги спречи граѓаните да стигнат до гласачките места.

Вчерашниот протест беше организиран од Комитетите за одбрана на републиката, кои бараат јасно раздвојување од шпанската држава.

Протести имало и во повеќе градови надвор од Шпанија, меѓу кои и Лондон и Париз.

Во јуни, Шпанија ја прекина својата привремена директна власт врз регионот Каталонија, откако на власт стапи нова националистичка влада предводена од Квим Тора. Тој ги поздравил протестите на активистите поради притисокот кој го прават.

Тора го го наследи Карлес Пуџдемон кој пребега во егзил во Белгија по пропаѓањето на прогласената независност.

Шпанскиот министер за надворешни работи, Жосеп Борел, кој е Каталонец, изјавил дека токму Тора и регионалната влада во Каталонија треба да го одржуваат јавниот ред и мир.

„Ќе продолжиме да се обидуваме да ги намалиме тензиите и ќе бараме сите да ја преземат својата одговорност “, изјавил Борел пред новинарите во Мадрид.

Според анкетите од јули, 46,7% од Каталонците поддржуваат независност, додека 44,9% се против.

Шпанскиот Врховен суд ја повлече меѓународната потерница против Пуџдемон и петте негови соработници кои остануваат во странство. Сепак обвинувањата против нив остануваат, што практично значи дека доколку се вратат во Шпанија би биле уапсени.