Полицијата се сомнева дека дел од пожарите во кои до сега две лица починаа, се подметнати, вели Тошковски

Пожарите што деновиве ја зафатија Македонија можеби не се последица само на високите температури и силниот ветер. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска на прес-конференција изјави дека постојат основани сомнежи дека дел од пожарите се подметнати, пренесува агенцијата Мета.мк.

„Имаме основано сомнение дека пожарите се подметнати од страна на човечки фактор. Се истражуваат повеќе наоди за пожари близу клучни инфраструктурни капацитети, патишта, густо населени области и приватни имоти“, изјави Тошковски.

Тој наведе дека постапката на подметнување е „симптоматична“, бидејќи по неутрализацијата на еден пожар, веднаш започнува друг во близина на важна инфраструктура.

„Можно е да се работи за едно поинакво сценарио од она на случајност“, рече министерот, но додаде дека не може да открива детали од предистражната постапка за да не ја загрози истрагата.

Досега, потврдено е дека две лица ги загубиле животите во пожарите, едно лице на 6 јули во пожарот во Ѓорче Петров кај реката Лепенец, и второ лице денеска, на 9 јули, во пожарот кај Крива Паланка.

Министерот информираше дека едно лице веќе е приведено за намерно предизвикување пожар, по што е изведено пред судија и му е изречена мерка притвор. Приведени се и сопствениците на приватен отпад во Визбегово каде избувна пожар, и тие ќе бидат изнесени пред судија по насока на јавен обвинител.

„Сите кои што ќе се дрзнат да го доведат под знак прашалник животот на македонските граѓани, соодветно ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, истакна Тошковски.