Полицијата објави снимка од протестот на Шарена револуција пред Министерството за правда

Полицијата соопшти дека набавува снимки од последниот масовен протест на Шарената револуција, кој се случи во понеделникот, како и дека нивни службеници го снимале протестот. На Јутјуб каналот на МВР е објавена снимка од протестот кој во тој момент се одвиваше пред Министерството за правда.

Полицијата, исто така, информира дека неколку лица кои учествувале во оштетувањето на објектите се препознаени и против нив ќе бидат преземени понатамошни постапки.

„Од страна на ЕУМНА при СВР Скопје било извршено фотографирање на оштетувањето на горенаведените објекти за што се сочинети Записници за увид, како и фотоалбуми.

Од страна на Полициски Службеници од ЕУМНА при СВР Скопје е извршено снимање на протестот кој се одвивал пред горенаведените објекти, а воедно е извршено и превземање на видео материјали  и фотографии од отворени извори на податоци-интернет за што е сочинето ЦД со видео запис .

Од страна на Полициски Службеници при СВР Скопје кои службено биле ангажирани за обезбедување на протестите се препознаени неколку лица кои ги вршеле оштетувања на објектите“, се вели во соопштението на МВР.