Полицијата интервенираше во Вевчани по групирањето на откажаниот Вевчански карневал

Полициски службеници денеска интервенираа во Вевчани, откако граѓани се групирале за време на традиционалниот Вевчански карневал кој годинава е откажан, информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Како што соопштуваат оттаму, тие интервенирале поради непочитувањето на мерките и прописите за спречување на ширење на коронавирусот, односно, забраната за групирање на повеќе од четири лица.

„Имено, и покрај претходно постигнатиот договор на три одржани состаноци со лицата инволвирани околу одржувањето на оваа манифестација да се почитуваат мерките и да нема групирање, денеска поголема група на граѓани се собра во Вевчани, без почитување на мерките односно со недозволено групирање поради што мораше да интервенира полицијата“, стои во соопштението на МВР.

По документирање на случајот, оттаму најавија дека ќе бидат поднесени и соодветни поднесоци.

Вчера преку социјалната мрежа Фејсбук, градоначалникот на Општина Вевчани, Сашо Јанкоски апелираше да се почитуваат мерките и протоколите на Комисијата за заразни болести, додавајќи дека „веќе сме во војна со невидлив непријател, а тоа е оваа многу заразна и непредвидлива болест“.

„Ние како Општина Вевчани се откажавме од организација на овогодишните концерти, изложби и сите други активности за “Вевчански Карневал 2021”, се со единствена цел да ве заштитиме вас, вашите фамилии, вашите најблиски од оваа пандемија“, стои во неговата објава.

„Наши непријатели не се ниту Комисијата за заразни болести, ниту МВР, ниту докторите и медицинскиот персонал кои апелираат да се почитуваат мерките и протоколите, напротив тие се на наша страна, во првите борбени редови грижејќи се за нашите животи“, се додава во неговата објава.

А П Е Л ❗

Почитувани,
Ние како Општина Вевчани се откажавме од организација на овогодишните концерти, изложби и сите…

Posted by Сашо Јанкоски – Градоначалник на Општина Вевчани on Tuesday, January 12, 2021