Полицијата го спроведува Кежаровски, поддршка од колегите пред затворот

Полицијата вечерва го спроведе во затворот во Шутка новинарот Томислав Кежаровски, кој беше осуден на двегодишна затворска казна. Кежаровски беше осуден на две години затвор, што значи дека заедно со времето поминато во притвор, треба да одлежи уште три месеци од казната.

Неколку негови колеги, претставници на новинарскиот синдикат, го пречекаа Кежаровски пред затворот Шутка, со натписи „Je suis Kezarovski“ во знак на поддршка.

Синдикатот, но и бројни домашни и странски новинарски здруженија ја осудија одлуката на Апелацискиот суд, кој пресуди дека Кежаровски е виновен по обвинението, нарекувајќи ја апсурдна и неправична.

Новинарите најавија протест против пресудата пред Апелацискиот суд во вторник (20 јануари) во 12 часот, на кој ги повикаа сите граѓани.