Полета првиот соларен дрон на Фејсбук

Вчера за прв пат полета соларниот дрон на Фејсбук, чија градба беше најавена во 2015 година. Огромното летало, наречено Акила, е создадено за да емитира интернет на 4 милијарди луѓе во светот, кои немаат пристап до мрежата.

Дронот има распон на крилата сличен како на Боинг 737. Иако е огромно и може да лета подолг временски интервал, беспилотното летало троши иста количина на енергија како фен за коса или микробранова печка, тврдат од Фејсбук.

„Акила е соларен авион кој може да се користи да донесе евтин интернет до стотици милиони луѓе на места кои е најтешко да се достигнат. Кога ќе биде готов, Акила ќе може да кружи околу регион до 100 километри во дијаметар, зрачејќи поврзаност од голема висина преку ласерска комуникација и милиметарски бранови системи“, велат од компанијата.

Акила е клучен дел од планот на Фејсбук „целиот свет да биде онлајн“, преку Internet.org.

„Со тек на времето, наша цел ќе биде да имаме флота од авиони како Акила како летаат на 60000 стапки висина, комуницирајќи меѓусебе со ласери и летајќи со месеци – нешто што не било направено претходно“, напишал Закерберг на својот блогпост.