Полска планира да воведе закон со кој на децата помлади од 15 години би им било забрането користење на социјални мрежи, а платформите би имале обврска да ја проверуваат возраста на корисниците. Мерката, според најавите, има цел да го заштити менталното здравје и интелектуалниот развој на младите.
Информацијата ја соопшти министерката за образование Барбара Новацка во интервју за Ројтерс. Таа посочи дека владејачката Граѓанска коалиција ќе го претстави нацрт-законот, кој предвидува парични казни за платформите што ќе овозможат пристап на малолетни лица под законската граница.
Според најавите, законот би можел да стапи во сила на почетокот на 2027 година. Во тек се разговори околу висината на санкциите за технолошките компании што нема да ги почитуваат правилата.
Полска не е единствената земја што размислува за вакви ограничувања. Данска, Грција, Франција, Шпанија и Велика Британија веќе дискутираа или најавија мерки поради загриженоста дека социјалните мрежи можат негативно да влијаат врз децата и да предизвикаат зависност. Британската влада во јануари соопшти дека ја разгледува можноста за дополнителна заштита на малолетниците онлајн, додека Австралија веќе усвои сличен закон минатиот декември.
Иницијативата во Варшава би можела да предизвика тензии со американските технолошки компании како Meta и X, кои и претходно се спротивставуваа на вакви регулативи.



