Пол Ален, коосновачот на Мајкрософт, почина на 65 години

Пол Ален, кој заедно со Бил Гејтс е основач на компанијата Мајкрософт, почина на 65 години по компликации од рак на крвта.

Тој пред само две недели објави дека не-Хоџкиновиот лимфом повторно му се вратил, откако претходно бил лечен од оваа болест во 2009 година.

Бизнисменот своето богатство го стекна заедно со неговиот школски другар Бил Гејтс, откако заеднички го основаа технолошкиот гигант Мајкрософт во 1975 година.

„Моето срце е скршено од заминувањето на еден од моите најстари и најдраги пријатели… Пресоналните компјутери немаше да постојат без него. Тој заслужи да живее уште многу долго, но неговиот придонес во светот на технологијата и филантропијата ќе живеат и понатаму, во следните генерации“, изјавил Бил Гејтс по веста за смртта на Ален.

Ален го напуштил Мајкрософт во 1983 година откако првично му бил дијагностициран ракот на крвта од болеста Хоџкинс. По опоравувањето стана успешен со неговата медиумска и комуникациска инвестициска фирма „Вулкан“, која ја основал во 1986 година.

Се проценува дека Ален за време на својот живот донирал повеќе од 2 милијарди долари во филантропија, најмногу на полињата на наука, образование и заштита на дивиот свет.

Во 2010 година објави дека мнозинството од своето богатство ќе го додели во добротворни цели по неговата смрт.

Ален беше и голем фан на спортот. Во негова сопственост беа кошаркарскиот тим Портланд Треил Блејзерс и тимот Сиетл Сихокс кои се натпреваруваат во националната лига за американски фудбал, кои ја освоија титулата во 2013 година.