Погодените семејства од поплавите од Црвен крст ќе добијат околу 250 евра

Почнувајќи од понеделник, бројка меѓу 4000 и 4500 семејства од подрачјата кои беа најпогодени од поплавата која го зафати скопскиот крај ќе добиваат парична помош од донациите кои ги примил Црвениот крст. За секое семејство ќе има околу 250, а вкупно се собрани околу милион евра, односно 63 милиони денари.

Телефонскиот број за донации 143 400 беше официјално затворен на 29 август, а отсега, сите парични донации кои ќе бидат донирани на трансакциската сметка на Црвениот крст ќе бидат пренасочени по истиот принцип како и парите кои биле собирани досега.

Последен ден за пријавување за оние кои евентуално не се посетени од страна на комисиите, вели Саити, е петок. Моменталната бројка на погодени семејства се движи меѓу е околу 4 и 4 и пол илјади домаќинства. Саити вели дека штотуку претстои процес на прочистување, па засега не се знае финалната бројка.

„Парите ќе се распределуваат на линеарен начин. Со Комисијата која работеше на утврдување на бројката се согласивме дека линеарноста ќе ги задоволи принципите на хуманост, солидарност и задоволување на потребите на најранливите членови на општеството.“.

Вкупниот буџет собран од донациите бил утврден од Комисија за констатирање на состојбата на паричните средства, сочинета од 13 члена, меѓу кои претставници на фирмите кои направиле најголеми донации, претставници на најпогодените месни заедници, претставник од Кинеската амбасада во Македонија, Министерството за труд и социјална политика, две активистки и претставничка од Комерцијална банка.

„Сметавме дека преку една таква комисија ќе можеме да констатираме заеднички сето тоа што е направено со цел да се подобри транспарентноста и отчетноста“, вели Саит Саити, генерален секретар на ЦК на Македонија.

Од странство, добиени се милион денари од Градот Бон во Германија, како и пакети со храна и хигиенски производи од 300 илјади швајцарски франци од Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина за најпогодените семејства и 550 илјади евра од австрискиот Црвен крст за хуманитарна помош за 300 семејства, кои два месеци ќе добиваат по 500 евра од тој буџет. Се работи за семејства кои се корисници на постојана социјална парична помош. Саити вели дека тоа е единствениот критериум по кој ќе почне да се работи на терен: средства ќе почнат да добиваат први оние кои се дел од најранливата категорија.

„Се работи за категорија која е особено ранлива, и мислам дека тука завршуваат сите дискусии за понатамошниот избор на луѓето кои први ќе добијат помош“.

Со тие средства ќе се спроведат и обуки во училиштата низ Македонија за опасностите и ризиците кои ги носат елементарните непогоди, како и справување со нив.

„Тоа би не направило поспособни и поефикасни во справувањето со идните предизвици кои би ги предизвикале ваквите појави“.

Саити вели дека волонтерите на Црвен крст не биле пристрасни при давањето на помош и донации, и покрај обвинувањата дека се дава предност на жртвите кои се поврзани со владејачката партија.

„Тоа не е начин на работа на Црвениот крст, ние тоа не го правевме. Таквиот впечаток е донесен бидејќи, прво, не можеше секаде да се стигне бидејќи беше непроодно, а второ, бидејќи имаше многу хуманитарци кои можеле имале друг принцип на работа. Каде и кому тие ја делеле помошта, јас навистина не знам“.

Во изминатите три недели од поплавата, поделени се 34232 пакети со храна, околу 31000 оброци, 317 тони вода, како и облека, млеко и млечни производи, бебешки продукти и храна, опрема за чистење, ќебиња и душеци. Целиот период на терен имало повеќе од 200 волонтери на Црвениот крст.