Поезијата на Зоран Анчевски и скулптурите на Димитар Филиповски во фокус на „Поетска ноќ во Велестово“

Новото, 32. издание на „Поетска ноќ во Велестово“ ќе се одржи утревечер (21-ви август) во 21 часот во охридското село Велестово, со настап на „Скопје гитар трио“, предводено од Дарко Багески.

Годинешната манифестација ќе биде посветена на поезијата на Зоран Анчевски и скулптурите на Димитар Филиповски, а ќе читаат и шестмина македонски современи поети: Тоде Илиевски, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Биљана Стојановска, Павлина Атанасова и Јулијана Величковска.

За делото на Анчевски ќе беседи Милош Линдро, додека, стиховите ќе ги интерпретира Јован Цветкоски.

Во тремот на црквата „Успение на Св. Богородица“ во Велестово, истата вечер, во 22.00 часот ќе биде отворена изложба на академскиот скулптор Димитар Филиповски.

На 22-ри август во 18.00 часот, на местото познато како „на Каменон“ ќе се одржи настанот „Поезија  ̶ Залез“ на кој ќе настапат современите македонски поети: Тоде Илиевски, Владимир Мартиновски, Биљана Стојановска, Ѓоко Здравески, Павлина Атанасова и Јулијана Величковска.

„Планираната интернационална вечер посветена на современата исландска поезија, претставена преку две исклучителни исландски поетеси  ̶ Сигурбјорг Трастардотир и Кристин Омарсдотир, заради ситуацијата со коронавирусот е презакажана за следното 33-то издание на Поетска ноќ во Велестово“, информираат организаторите.

Настаните ќе бидат организирани согласно протоколите и препораките на Владата и Министерството за здравство за заштита од Ковид-19.