Поевтини ски карти за студентите во Маврово

Дневните карти за студентите од државните и приватни универзитети оваа скијачка сезона во ски центарот „Заре Лазаревски“ во Маврово ќе бидат со 30 отсто попуст, соопшти денеска Управителот на ски центарот „Заре Лазаревски“, Огњан Циговски.

Поевтини ски карти за студентите во Маврово

Иницијатива е на раководството на ски центарот „Заре Лазаревски“ во Маврово, а сите студенти ќе треба да приложат индекс или студентска легитимација при купување на картите.

Според Циговски, една од нивните поголеми целни групи се околу 60 -те илјади студенти. Истакна дека студентите имаат можност да го одберат Маврово и да имаат повеќе скијачки денови.

„Оваа година се продадоа околу 490 годишни ски карти од 10 илјади денари, кои се покажаа атрактивни. Годинава имаме друга промотивна карта-студентската ски карта која во високата сезона ако чинела 1.100, сега ќе биде 800 денари. Во ниската сезона по 20 јануари, од понеделник до петок ќе чини 650 денари“, рече Циговски и додаде дека за празниците во Маврово сите капацитети се исполнети.

Тој најави дека следната година ќе има промотивна карта и за средношколците. Сите лица над 65 години во Маврово скијаат бесплатно.

Во моментов во Маврово работат сите ски лифтови, освен стазата каде нема доволно снег.