На 14 мај (утре) со почеток во 20 часот, во културниот простор „Јавна соба“ ќе се одржи поетско – музички перформанс со читање на песни од последните две книги на македонскиот колумнист, поет и преведувач, Тихомир Јанчовски. Мултимедијалниот настан, ќе биде придружен од музика компонирана од Зоран Тортевски и визуелни илустрации од Будимка Поповска.
„Неодамна објавените книги на Јанчовски, ‘Пристоен предлог’ и ‘Пеколот е мало место’ за првпат ќе бидат промовирани пред пошироката јавност, а ова ќе биде и нивна прва изведба во живо. Дел од песните, напишани од авторот, се песни кои биле напишани за антологискиот музички состав Мизар, токму за вокалот на Зоран Тортевски“, пишува во соопштението.
Катизмата, ќе биде изведена од Тања Аждаја, која се јавува и како уредник на изданијата, додека стиховите ќе ги прочитаат Тихомир Јанчовски и Зоран Тортевски. Музичка поддршка за настанот овозможија Ристо Апостолов (гитара) и Добрила Грашеска (вокал). Визуелната поддршка ќе ја реализира уметникот Владимир Лукаш, додека одјавата ќе биде изведена од Душко Крстевски, кој е и автор на поговорот.
Издавач на книгата „Пеколот е мало место“ е издавачката куќа „Макавеј“. Онлајн билети за настанот може да се набават на веб страницата www.drugastrana.mk или пред самиот настан.