Поетско дружење со Мирјана Стојановска

Љубителите на литературата утре ( 2 октомври) во Друштвото на писателите на Македонија ќе имаат можност да присуствуваат на пладневната средба со поезијата на Мирјана Стојановска.

За најновите поетски книги на Мирјана Стојановска, „Џез во двокреветна соба“ и „Крст, триаголник и круг“, ќе зборуваат Весна Мојсова Чепишевска и Елена Пренџова, а стихови ќе чита Александра Велинова.

Мирјана Стојановска и припаѓа на средната генерација македонски поетеси и е автор на стихозбирките: „Хроносот на зборот“, „Двобој со тишината“, „Заѕидана врата“, „Крст, триаглник и круг“ , „Џез во двокреветна соба“ и „Оксиморонот на мојата пеперутка“. Објавува книжевна критика во литературните списанија: „Стожер“, „Синтези“ и „Раст“.

Нејзина поезија е препеана на српски, англиски и романски јазик. Застапена е во изборот  „Современа македонска поезија“ во рамките на  проектот „Македонска книжевност во 135 тома“.  Координатор е на Клубот на писателките „Даница Ручигај“ при ДПМ и  претседател на Здружението за наука и култура „НОВА“ од Битола.

За денеска напладне пак ДПМ ќе одбележи два јубилеа на истакнатата македонска поетеса Гордана Михаилова Бошнакоска: 75 години од  раѓањето и 50 години од објавувањето на нејзината прва поетска книга „Времето го нема“ со промција на стихозбирката „Слики“.