Поетски читања и културни настани по повод Светскиот ден на поезијата

Со поетски читања, културни настани и продажни изложби, љубителите на пишаниот збор традиционално ќе го одбележат Светскиот ден на поезијата, 21 март.

Македонскиот ПЕН центар и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ организираат манифестација Поетско пладне традиционално, која ќе се одржи во библиотеката.

На манифестацијата, свои стихови ќе читаат поетите и поетесите: Влада Урошевиќ, Ферид Мухиќ, Катица Ќулавкова, Гордана Михајлова Бошњаковска, Димитар Башевски, Ефтим Клетников, Владимир Мартиновски, Михаил Ренџов, Раде Силјан, Иван Џепароски, Зоран Анчевски, Санде Стојчевски, Паскал Гилевски, Весна Ацевска, Олга Арбуљевска, Бранко Цветковски, Илхами Емин, и други.

Покрај читања, ќе се одржи и музички перформанс за којшто ќе се погрижи женскиот камерен хор „Херувими“ од Скопје, а ќе се одржи и продажна изложба.

Вечерта, пак, Младинскиот културен центар ќе го одбележи Денот на поезијата со друго поетско читање, на кое ќе се претстават: Владимир Лукаш, Биљана Стојановска, Николина Андова Шопова, Андреј Ал Асади
Снежана Стојчевска, Исток Улчар, Митко Апостолов, Александра Спасеска, Моника Стојановска, Ѓоко Здравески.

Настанот ќе се одржи во бифето на МКЦ, со почеток во 20 часот.

Претходно, беше најавена кампањата „Плати со поезија“, која втора година по ред, им овозможува на скопјани да го платат своето кафе, или чај, со поема. Локациите за оваа година се „Венето“ во Скопје Сити Мол, „Паладиум“ во Капиштец, „Наргиле“ во Чаршија, „Дион“ на Кеј и „Баду“ во Порта Влае.