Поетска вечер со Дениса Дуран во Мобилната/монтажна галерија

Поетска вечер со Дениса Дуран, од Романија како гостинка на книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа ќе се одржи во среда (15 јули) во Мобилната/монтажна галерија во Скопје.

На настанот, освен за нејзиното творештво, со авторкаата ќе се разговара и за состојбите на книжевната сцена во Романија. Таа ќе се осврне и на другите свои книжевни активности, преведувањето на современи светски поети, како и на работа во Романскиот културен институт, кој е организатор на многу гостувања и меѓународни соработки од областа на книжевноста.

Дениса Дуран е романска поетеса и преведувачка која живее и работи во Букурешт. Родена е во семејство на писатели во 1980 година. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Букурешт, а магистрирала на тема за звуковната поезија. Има работено како новинар, уредник и преведувач за многу списанија. Од 2007 година работи во Романскиот културен институт во Букурешт, институција специјализирана за промоција на романската култура и организатор на многу манифестации и културни соработки.

„Нејзината прва збирка поезија „Фуфи и механичкото“ се појави во 2003 година и ја освои наградата за најдобро дебитантско дело на Друштвото на писатели на Романија. Нејзината втора збирка песни „Луѓе за една употреба“ излезе двојазично, на романски и англиски, во Ирска од страна на угледниот Галвеј Принт во 2009 година. Објавувањето на песните беше проследено со поетска турнеја во четирите најголеми градови во Ирска. Во 2012 година ја објави третата збирка поезија, „Сѐ уште сум млада“, од која неколку песни влегоа во Антологијата на најубави песни за 2012. Нејзината последна книга песни се појави во 2014 година „Ми се спие, но ти правам друштво“ со илустрации од уметничката Флореа Тутујану.

Настанот се организира во рамките на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на Европската мрежа за книжевност и книги Традуки и Градот Скопје.