Поетска ноќ во Велестово, оваа година посветена на поетот Ристо Василевски ќе се одржи утревечер во 21 часот. За него беседа ќе одржи поетот Бранко Цветкоски. Новото, 29-то издание на манифестацијата ќе ја отвори џез-групата „Караванија“, а ќе продолжи со отворање изложба на акедемскиот сликар Емил Шулајковски.
Од минатата година посебна вечер манифестацијата посветува на една национална поезија. Минатата година беше претставена современата ирска поезија, а оваа година современата бугарска поезија и по тој повод манифестацијата ја објави книгата „16 бугарски поети“, која ќе биде промовирана на 23 јули во Домот на културата „Григор Прличев“ – Охрид.
Оваа година манифестацијата ги проширува своите програмски активности со гостување на поетите на Отвореното студио „Арт поинт Гумно“ во Слоештица и посета на уникатната библиотека во село Бабино.
Во својот 29 годишен пат манифестација претсавила бројни македонски уметници: Гане Тодоровски, Анте Поповски, Петре Андреевски, Матеа Матевски, Раде Силјан, Катица Ќулавкова, Санде Стојчевски и др., сликари Вангел Наумовски, Владимир Георгиевски, Глигор Чемерски, Газанфер Бајрам, Мироскав Масин, Сергеј Андреевски, Славки Упевче и др.
Во рамки на манифестацијата, а во соработка со издавачката куќа ПНВ Публикации и МАНУ на 28 јули ќе се одржи промоција на проект книгата Извештаи на Рисот од Славе Ѓорѓо Димоски и Сергеј Андреевски. Исто така во соработка со издавачката куќа ПНВ Публикации во текот на летото во Охрид ќе бидат организирани и прoмоции на делата Доилката од Лилјана Пандева и Ништо не е недостижно од Зоран Јакимоски.
Покровители на манифестацијата се Министерството за култура на Република Македонија, Општина Охрид и Комерцијална банка.