Поетот Митко Гогов ќе учествува на Меѓународен поетски фестивал во Колумбија

Поетот Митко Гогов ќе ја претставува Северна Македонија на 31. издание на Меѓународниот поетски фестивал во Меделин, Колумбија, кое годинава ќе се одржува од 1 до 29 август.

Учесниците на фестивалот ги читаат песните на мајчин јазик, а се слушаат и во препев на шпански и англиски јазик. Меѓународниот поетски фестивал во Меделин важи за најголем и најдобар светски поетски фестивал, еден од најпрестижните поетски настани, а досега од нашата држава меѓу учесниците биле и Матеја Матевски, Катица Ќулавкова, Лидија Димковска, Никола Маџиров.

Фестивалот го следат над 500.000 гледачи ширум светот, а големите светски поети, како Ко Ун, Чарлс Симиќ, Адунис, Елена Попески, Пол Мултон, Каролин Форше, Роберт Хас и други се само дел од големата програма. Со повеќе од 200 официјални учесници, фестивалот се обидува да се помири со колумбиското турбулентно минато и сегашност преку никогаш не стареечкиот медиум на поезијата и уметноста.

Митко Гогов (1983) пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Неговото творештво досега е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во повеќе земји во Европа, но и во Индија, Пакистан, Филипини, Кина, Тајван, Египет, САД, Аргентина, Русија, Израел, Мексико… Претседател на здружението за култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“, организатор на манифестацијата „100 Илјади поети за промена“ за Македонија и основач и дел од организаторите на „Антево слово“ и „Антево перо“. Добитник на неколку значајни меѓународни и национални награди за книжевност и поезија.

Автор е на збирките поезија „Ледена вода“ (2014) и „Скриено писмо“ (2019), во издание на издавачката куќа Антолог, а годинава треба да излезе од печат неговата трета стихозбирка „.линијар. бројки.“