Поемата „Македонски стар и нов завет“ добитник на наградата „Григор Прличев“

Жири-комисијата ја избра поемата „Македонски стар и нов завет“ за најдобра на конкурсот за наградата „Григор Прличев“ за 2016 година, објави Мета.

Најдобрата поема беше одбрана од трите кои влегоа во најтесен круг, (од вкупно 12 пристигнати): „Слово горко непремолк“ под шифра „892000“, „Македонски стар и нов завет“ под шифра „Библија“ и „Армагедон“ под шифра „Кузман Капидан“.

„Текстот на поемата ’Македонски стар и нов завет’ се издвојува со лирско-епското пеење поставено на повеќе нивоа, каде низ тонските созвучја одгласува простумот на татковината низ временските длабочини. ’Македонски стар и нов завет’ е поема што во себе ја вплотува драматичноста на времето и драматиката на опстојбите низ долгата низа македонски векови. Протекот на дејството, кој надоаѓа од високите врвови на егзистенцијата на родот, понесува со својот полифоничен одглас на каскадниот порој низ спектарот на тонови и на бои со силна ерупција на метафори. Таа е една кратка, збиена историја на битот на татковината што во целата широчина ги отвора големината на просторот и длабочината на времето од кои пулсира живата енергија на настаните. Кохерентна градба на естетска хармонија низ лирско и епско созвучје“, стои во соопштението за јавноста на жири-комисијата за избор на најдобра поема на македонски јазик за 2017 година, чијшто претседател е поетот Трајче Кацаров.