Подводен музеј има за цел да ги покаже ризиците од глобалното затоплување

Мусео Атлантико, кој се наоѓа 15 метри под морето во Ланзароте, содржи 12 инсталации кои привлекуваат внимание на глобалните проблеми како климатските промени, зачувувањето на загрозените видови и миграцијата.

Еден од најскапите и најочекуваните уметнички музеи во Европа е конечно завршен и отворен за јавноста. Но, на посетителите ќе им биде потребна нуркачка опрема за да ги видат изложбите.

Мусео Атлантико (Атлантичкиот музеј), лоциран кај Канарските острови близу до Ланзароте, има повеќе од 300 скулптури од луѓе создадени од британскиот еко-уметник Џејсон деКер Тејлор.

Потопени на длабочина од 15 метри на океанскиот под на заливот Лас Колорадас, скулптурите се достапни само за нуркачите.

Проектот, за кој беа потребни три години да се заврши, цели кон создавање на визуелен дијалог меѓу уметноста и природата. Фигурите помагаат да се создаде дел од вештачки гребен, кој ќе служи како мрестилиште за локалните видови на риба и живеалиште за растенијата.

ДеКер Тејлор, кој дипломирал на Универзитетот на уметности во Лондон, има работено на голем број слични големи проекти под вода. Го има направено и првиот подводен парк на скулптури во светот, во Гренада, кој се отвори во 2006 година.

Иако Мусео Атлантико бил прв пат отворен во март минатата година, дури сега сите скулптури се наместени под вода.

„Идејата беше да стане портал кон друг свет“, вели деКер Тејлор. „Сакам да ги инспирирам луѓето да дознаат повеќе за нашите океани и заканите со кои тие се соочуваат“.

Сместени во неколку групации, многу од статуите се обликувани според вистински луѓе. Според уметникот, секоја инсталација има за цел да привлече внимание кон глобалните проблеми.

Најголемата инсталација – Преминот на Рубикон – е составена од 40 луѓе кои одат слепо кон премин долг 30 метри.

Некои се прикажани како си прават селфија, а други зјапаат во своите мобилни телефони – порака која уметникот вели дека го прикажува ставот на човечкиот вид кон климатските промени.

Друга инсталација наречена Портал прикажува хибридно животно и човечка скулптура кои гледаат во големо квадратно огледало, кое ја рефлектира површината на океанот.

Концептот е смислен да прикажува огледало во друг свет,  е подигнато на кактуси кои се наместени да привлекуваат октоподи, риби и други морски видови.

Музејот е сместен на 50 метри квадратни морска песок, а е направен со пХ неутрални материјали кои не и наштетуваат на околината.