Поднесено обвинение за дивоградбата кај „Мавровка“

Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија соопштија дека поднеле обвинение против едно лице за бесправно градење во случајот со дивоградбата кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје.

Според Обвинителството обвинетиот М.А., во текот на јуни и јули 2020 година, во својство на инвеститор, градел објект со површина од 330 м2 на платото пред трговскиот центар „Мавровка“, а притоа немал одобрение за градба издадено од надлежен орган.

„На обвинетиот претходно му беа определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, како и повремено јавување кај службено лице во Основниот кривичен суд. Надлежниот јавен обвинител му предложи на Судот да ги продолжи ваквите мерки спрема обвинетиот со цел да се обезбеди неговото присуство во текот на постапката“, велат од Обвинителството.

Дивоградбата кај „Мавровка“ беше срушена од државата во септември минатата година, откако два пати претходно пропаѓаше тендерот на Општина Чаир на кој бараа компанија која ќе ја урне дивоградбата, поради тоа што ниту една фирма не се пријавуваше на јавниот повик.

Во моментов на локацијата повторно има градежни работи, кои според Општина Чаир се активности на сопственикот кој го враќа објектот во првобитна состојба.