Поднесени се 400 приговори за екстерното тестирање

фото: Нова Македонија

400 приговори за неправилности во екстерното тестирање поднеле ученици до крајниот рок, кој истече денеска напладне, јавува Нова Македонија, повикувајќи се на Министерството за образование. Учениците имаа рок од три дена да поднесуваат приговори доколку сметаа дека на каков било начин се оштетени во однос на резултатите од екстерните тестови.

– Најчесто реагираат дека некои прашања не им се отворале, или, пак, дека имало прашање да се најде нешто на сликата, а слика немало. Сите такви прашања, што се пропуст на системот, не се вина на учениците и затоа нема воопшто да се земат предвид. Исто како да не постоеле во тестот – појаснуваат во Министерството.

Одговорните во МОН не знаат што ќе се случи со оние ученици кои поради различни причини ќе го испуштат и августовскиот термин за полагање екстерно тестирање. Не се знае дали тие нема да добијат свидетелства и нема да можат да продолжат во наредна учебна година или ќе добијат единици.

Уште отсега не можеме да знаеме дали ќе има такви ученици кои поради оправдани или неоправдани причини нема да присуствуваат и во последната сесија за полагање. Отворена е можноста за уште една вонредна сесија, но сѐ додека не се види дали ќе има такви ученици, не може да се зборува пред време – вели Давор Политов, портпарол во Министерството за образование и наука.

Според коментари на наставници по социјалните мрежи, не се реткост случаите кога учениците добиле конечни оценки двојки или тројки за крај на година по конкретни предмети, а по истите предмети на екстерните тестови добиле петки.

Министерот Спиро Ристовски призна дека просветните инспектори констатирале дека ученици препишуваат на тестот, но и покрај неправилностите, го прогласи за успешен најобемниот образовен проект во државата.

Извор: Нова Македонија