[Подкаст] Што е муабетот со електронската регистрација на УЈП?

Како да се регистрирате на електронскиот систем на Управата за јавни приходи? Кои се најчестите прашања и проблеми со кои може да се соочите? Што доколку внесете погрешен мејл?

На овие прашања одговараме во првата епизода на „Што е Муабетот Со…“, подкаст во кој даваме повеќе информации за работи кои се актуелни, но недоволно јасни во јавноста.

Во епизодата за регистрацијата на системот Е-ПДД на Управата за јавни приходи, на кој граѓаните од следната година ќе ги потврдуваат своите годишни даночни пријави, разговараме со раководителот на контакт центарот на УЈП, Михајло Михајлов.

До крајов на годинава околу 900 илјади граѓани ќе треба да се регистрираат во електронскиот систем за пријавување данок на Управата за јавни приходи.

Обврската ја имаат сите граѓани кои во текот на 2018 година оствариле приходи по било кој основ, освен за пензионери кои примиле само македонски пензии, за кои оваа обврска се пролонгираше најдоцна до 2024 година.

Иако нема предвидено казна за лице кое нема да се регистрира во електронскиот систем согласно новата даночна реформа, сепак, според законските одредби, ако граѓаните не поднесат годишна даночна пријава казната се движи од 500 до 1.000 евра.

Автор на подкастот е Даниел Евросимоски.