[Подкаст] Мегафон: Ќе ја зачуваме ли Шара?

Звуци на моторна пила се слушаат од Шар Планина. Не би требало да ги има, но се присутни, иако далеку од очите на јавноста.

Ако сте планинари и ја посетувате Шара, долж прекрасните полиња и видици, досега сте сретнале и куќарки кои исто така не би требало да ги има, но сè повеќе никнуваат како печурки после дожд. Баш како оние што ги најдовме сред ливада, на над 1300 метри надморска височина.

Евгенија е планинарка која своето слободно време го поминува во природа. На Шара била многупати, но секогаш открива нешто поразлично. Сепак, во последно време, таа е сè повеќе разочарана од она што го гледа.

„Шара искрено е планина којашто со секоја своја посета откриваш нешто ново. Она што мене секогаш ме растажува е што секогаш гледам разни промени на планината кои според мене се недозволиви, а тоа е дивата сеча. Особено евидентно се познава самата дива сеча кога ќе се качиш на некој од врвовите и ќе заприметиш дека веќе има голи брда“, вели таа.

Заедно со уште неколку љубители на природата ја посетивме Шар Планина, како дел од кампањата за нејзино прогласување за национален парк. Учесниците уживаа во погледите и воздухот, но неминовно беше соочувањето со предизвиците кои ги има овој предел. Еден од нив се и малите хидроцентрали, против кои неодамна здружени планинари решија да кренат глас преку петиција и протест.

„Природата треба да биде оставена слободна. Не треба да има бетонски ѕидови на самата планина којашто ќе ја усмерува водата од топењето на снегот на кои било места. По самата посета и на Лешница, која важи за срцето на Шар Планина и гледајќи ги тие концесии и гледајќи ги тие мали хидроцентрали коишто треба да бидат изградени на Пена, го менуваат самиот релјеф на планината. Кога ќе видиш дека човекот со своите дејствија ја променува планината, некогаш си помислуваш дека и нему веќе не му е местото на планината. Можеби подобро ќе и’ биде на планината без нас“, смета таа.

Улогата на националниот парк во суштина би била да воспостави ред кој во моментов недостасува, вели Фросина Пандурска Драмиќанин од Македонското еколошко друштво. Како дел од кампањата, тие изминативе три месеци организираа и учествуваа во јавни настани со локалци и граѓански организации за да им ја доближат идејата за националниот парк.

„Шар Планина е еден пример на Македонија во мало, во однос на какви се’ начини се уништува природата, почнувајќи од голем број на ткн. мали хидроцентрали кои се градат, потоа јас би рекла редовно уништување на шумата преку илегална сеча, масовна урбанизација на просторот… На Шар Планина може буквално на сред ливада или некој дел кој е навистина длабоко во планината да видите новоизградена куќа, новоизградена викендица. Таквите постапки во иднина доколку имаме национален парк ќе треба навистина да не се случува затоа што ќе бидат едноставно притисок кон природата“, појаснува таа.

Листајќи низ албумите на планинарското здружение Љуботен кое постои 95 години, наидовме на веста од 1955 година насловена „Најубавиот дел од Шар Планина е прогласен за Национален парк“. Се мисли на Лешница, кога тетовскиот кмет донел одлука овој предел да биде заштитено подрајче. Но,таа никогаш не ја доби потребната заштита.

Речиси 70 години подоцна, неговиот претседател Јован Божиновски заедно со неформалната група „Пријателите на Шара“, се решени да го зачуваат она што останало од една од најбогатите планини со природни богатства. Тој е убеден дека ќе успеат иако следен предизвик за него е раководењето на идниот национален парк

„Како тој национален парк во иднина ќе се менаџира? Како ќе комуницира со локалното население? Како ќе комуницира со локалните власти? Кај нас како што знаеме – можеме да имаме на хартија се’, но тоа дали ќе се практикува, дали тој менаџмент план што сега се работи ќе биде практикуван? Целиот концепт на националниот парк треба да биде во насока на она што сега се бориме“, вели тој.

Во целава приказна, како најпогодени се чувствуваат локалците. Отпор меѓу нив сè уште има, и тоа најчесто поради недоволна информираност за тоа како постоењето на националниот парк би влијаело врз нивното секојдневно функционирање, смета Божиновски.

„Нема информација што тоа значи. Нема информација дали ќе може да ги напасува овците, нема информација дека тоа заштитено подрачје се зонира, кои активности се. Не знае дали треба да гради тука. Не знае кои се и позитивните и негативните влијанија. Треба едукација на локалното население. Министерствата одговорни за оваа работа, самите локални самоуправи треба да го информираат населението што тоа значи. И тогаш мислам дека локалното население во глобала ќе биде „за“ затоа што сами гледаме дека од локалното население само возрасни луѓе останаа. Кога ќе имаме прогласен национален парк, кога ќе почне туризмот на некој начин да работи, ќе има вработување. Луѓето ќе треба да бидат присутни на терен. Тогаш мислам дека подруго ќе ја сфатат информацијата. Кога тој што има овци горе и ќе го продаде сирењето за некоја повисока цена затоа што е национален парк е друго. Никој нема да му забрани некому да собира боровинки, или да се движи на планина, но сите овие работи треба да се објаснат на локалното население“, смета тој.

Појаснувањето на Пандурска Драмиќанин, пак, е следно:

„Тоа значи дека во зоната за строга заштита нема да може да се одвиваат некои активности што сега се одвиваат, односно доколку има организирано движење, ќе треба тоа движење без разлика дали е планинар или рекреативци, или научници, да биде пријавено во самиот национален парк како што тоа впрочем се случува и во други национални паркови не само во државава, туку и во странство. Во втората зона ќе продолжат оние традиционални практики, меѓутоа ќе не може веројатно да се прават некои големи промени на теренот коишто подразбираат и инфраструктурни објекти. Во последната зона, која е наречена за одржливо искористување, тука веќе ќе може да има и инфраструктурни објекти и ткн“.

Што ќе остане за идните генерации – е прашањето кое си го поставуваат сите. Според Пандурска Драмиќанин ова можеби е последна шанса вистински да се зачува Шара. Божиновски, пак, се надева дека во иднина ќе гледа задоволни туристи и локалци, но Евгенија посакува институциите реално да ги штитат планините, не само на хартија.

„Многу е битно националните паркови фактички да бидат заштитени. Законската рамка е битна, да, меѓутоа фактичката заштита отсуствува. Не е проблемот малите хидроцентрали и тоа дали со прогласувањето на националниот парк Шара фактички ќе се заштити, туку проблемот е што имаме веќе и национален парк кој е заштитен со закон, тоа е Маврово. Но, во него веќе има функционални мали хидроцентрали кои ги пресушуваат реките и има постапки за за градење на нови мали хидроцентрали. Она што сакам да кажам е дека е битно институциите реално да ги заштитуваат планините, без разлика дали тие се прогласени за национални паркови, или не“, смета таа.

Приказната за Шара не завршува овде. Следуваат јавни расправи, а до 25 октомври преку Единствениот национален електронски регистар на прописи, секој што се чувствува засегнат може да остави свој коментар и забелешка за нацрт законот.

Во меѓувреме, непредвидливото време карактеристично за планината нè натера порано да ја завршиме турата. Но, си заминавме со наравоучение – ако сакаш да ја заштитиш природата, мора да сфатиш дека и ти си дел од неа. А со секое нејзино уништување, се сечи гранката на која седиме, и тоа за мал, личен профит.

Емилија Петреска