[Подкаст] Мегафон: Етничка припадност во лични карти – чекор кон поделби и дискриминација?

Политичките партии СДСМ, БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ изминатиов период позитивно се изјаснија за впишување на етничка припадност во личните карти. Иницијативата за законските измени датира од 2020-та година, но, сега оваа идеја повторно никна во јавноста, па многумина реагираа и се запрашаа – што би донела ваква етничка графа и зошто воопшто се инсистира на вакво решение?

Вилдан Дрпљанин од Хелсиншки комитет за човекови права нагласува дека ова е една парадоксална ситуација. Партиите што треба да ги претставуваат граѓаните, наместо да ги штитат нивните лични податоци, тие даваат предлог „еве, собирајте го и овој податок“.

Според Дрпљанин, ваков предлог не би требало да случува во демократски ориентирани земји.

„Мислам дека само дополнително ќе ги нагласи разликите помеѓу граѓаните, и дополнително ќе се оди кон поголема оттуѓеност на заедниците, на луѓето со различна етничка припадност. Повеќе ќе биде во насока на пребројување, односно ‘кого има колку’, а многу помалце во однос на суштинска промена и градење на едно меѓуетничко и фунционално општество и систем“, вели тој.

Вилдан Дрпљанин

Дрљанин смета дека политичките партии целат на собирање поени, бидејќи повторно доаѓаат локални избори. Во отсуство на реални политики за подобар живот, тие одат на лични чувства кај луѓето.

„И, поради тоа решивме да направиме една анализа, во колку држави од светот се практикува овој институт. Видовме дека постои универзален консензус дека ова не е добра идеја, и дека не треба да стои овој податок во документите. Само 7 држави во светот имаат задолжителна етничка графа во личните карти. Ниту една од тие 7 држави не се наоѓа во Европа. Мислам дека од овој предлог нема апсолутно ниту една придобивка, и секој што тврди дека има, повеќе оди на некои формални елементи – дека правичната застапеност ќе биде подобра запазаена, дека повеќе ќе се почитуваат одредбите што се за заштита на малцинските заедници итн, без да елаборира дека и тој нов систем би можел да се злоупотребува“, нагласува Дрпљанин од Хелсиншки.

Според политикологот Сара Миленковска, овој концепт уште повеќе го вулгаризира целиот концепт на едно граѓанско општество кон кое сакаме да се сремиме.

Смета дека ова задира во нешто што е уставно загарантирано право, во личната определба како се чувствуваш во однос на својот етникум.

„Особено јас што потекнувам од семејство што е мултикултурно, што и да тоа значи, бидејќи мајка ми е од Босна, а татко ми од Македонија, и како јас би требало да се декларирам во личната карта. Некои денови се чувствувам како од Босна, некои како да сум од Македонија, некогаш воопшто не се чувствувам како да не сум дел од оваа земја заради одредени случувања и политички ситуции, коишто ти прават да не чувствуваш определен, или дел од одредена заедница“, вели таа.

Миленковска смета ниту една аргументација не покажува дека ова би го унапредило општеството. Предлогот е апсурден и не’ дефокусира од останати важни процеси од политиката, економијата, културата или социјалата.

Сара Миленковска

Затоа, вели таа, треба да разрешиме како граѓанско општество, и како заедница, од аспект што значи да припаѓаш на една држава, во услови кога има системско оттуѓување на младите.

„Така да, ние треба останати прашања како општество треба да ги одговориме, од аспект што значи одредена припадност, што значи идентитет, што значи чуствуваш дека си дел од одредено нешто, како ти лично можеш да го дефинираш. Бидејќи, за мене е многу лично и комплексно прашање, и мислам дека луѓето што навистина се позанимавале со својот личен идентитет, воопшто не би оделе во апсурдот тоа да биде претставено во нешто што е личен документ“, потенцира таа.

Миленковска е согласна. Богатство е да се има широко семејно дрво со двоен, троен или повеќеслоен етнички идентитет, тие да се мешаат и придонесуваат за државата. Од друга страна, вели таа, се наоѓала во ситуации кога други наоколу зборувале навредливо или имале стереотипи за некој што е од Босна, незнаејќи за нејзиното потекло, бидејќи има македонско презиме.

„Јас сум свесна дека мојот личен идентитет е доста комплексен во однос на тоа како општеството мене ме доживува поради моето македонско презиме, ама е многу интересно што во социјални ситуации сум можела да видам дека тоа, на некој начин, ми дозволило да видам како луѓето навистина размислуваат за мојот етникум“, потенцира таа.

Универзитетскиот професор и етнолог, Рубин Земон се осврнува на нееднаквоста, особено кога се работи за етничка припадност. Огласите, за да влезеш на работа, нагласува тој, се инструменти што ја поттикнуваат нееднаквоста. А повеќе граѓани со албански или неалбански презимиња, се изјаснуваат тоа што не се, само да се вработат.

Исто така, вели Земон, имаше случаи кога на дел од ромската заедница им се забранува влез по молови, кафулиња и слично.

„Сега само ако тоа се стави во личните карти, тие што дискриминираат – уште повеќе ќе добијат алатка во рацете за да може тоа да го спроведуваат, иако тоа е по закон не е дозволено. Меѓутоа, знаете дека кај нас владеат голем број непишани правила, па се’ додека не дојде да владее правото, дискриминацијата ќе се зголемува и понатаму“, потенцира етнологот.

Рубин Земон

Земон е дециден дека етничкиот идентитет е променлива, флуктуидна категорија. Не треба да биде запечатен како белег во текот на животот на еден човек.

„Во нашата светската историја, знаеме дека тоа се случувало за време на Втората светска војна, кога еден народ цел – Евреите, на некој начин ги обележуваат за да бидат дискриминирани. Јасно е тоа. Или да кажеме дека во поновата, поблиската историја тоа што се случуваше во Јужна Африка со Апартхејдот, јасно беше дека сето водеше кон поделби во општеството, со цел да се поттикнува нееднаквоста и дискриминацијата“, нагласува тој.

Во однос на етничкиот идентитет, Земон прашува што би пишувало во идентитетот на некое дете од мешан брак, кое е штотуку родено. Кој ќе го пријави тоа дете за да добие извод – мајката, таткото или некој од роднините?

„Дете од три дена, што тоа одлучувало за својот идентитет, а се наоѓа од мешан брак?! Значи, апсурди се очигледно. А, да не зборуваме дека некаде во средно школо, некаде после 18 години најповеќе – има сознание за својот етнички идентитет. И кој нормално повторно е променлив. Не можеме да кажеме дека е тоа еднаш засекогаш дадено“, вели тој.

Евроамбасадорот Дејвид Гир даде јасни сигнали за ваквата иницијатива. Во август во Европската унија стапува на сила регулатива со која се забранува споделување лични податоци, како расна, етничка, политичка или верска припадност.

Оттука, Земон смета дека усогласување со стандардите на ЕУ е важен процес, со цел земјава соодветно да спроведува закони, ако сака да има напредок кон европското семејство.

„Втора работа, мислам дека и ако тоа помине, веднаш невладините организации ќе се пожалат и во Уставен суд, и во Венецијанската комисија, или во Европскиот суд за човекови права, зашто тоа е неодржливо“, констатира тој.

Бојан Шашевски

*Првично темата беше објавена во подкастот „Мегафон