Поддржувачи на Трамп се обидоа да измамат гласачи на Клинтон да гласаат преку СМС

Непознати поддржувачи на Доналд Трамп се обиделе да спречат гласачи на Клинтон од афро-американската и латино-американската заедница да се појават на гласање, мамејќи ги дека можат тоа да го направат преку СМС порака.

Измамниците плаќаат за реклами на Твитер, за да стигнат до поголем број на поддржувачи на кандидатката на Демократската партија.

На рекламите се прикажани постери со наслови како „Гласај од дома“, „Избегни го редот“, и хаштагот #ImWithHer, со што ги охрабруваат гласачите да останат дома за време на изборите, а наместо тоа да гласаат преку СМС порака, во која пишува „Hillary“, на бројот 59925.

Твитер ги отстранил рекламите, но претходно The Washington Post успеал да направи неколку „скриншотови“ од рекламите, кои очигледно ги таргетираат малцинствата – како Афро-американците и Латино-американците. Во претходните неколку избори, и двете групи гласале претежно за демократите.

Она што не е јасно е кој плаќа за рекламите. Нема докази дека се поврзани директно со кампањата на Трамп, иако оние кои ги споделуваат рекламите во најголем дел биле негови поддржувачи.

А за тоа зошто Твитер воопшто ги дозволил рекламите, од компанијата тврдат дека биле дозволени бидејќи не прекршуваат правила на користење. Извршниот директор Џек Дорси одговори дека ќе се обидат да ја попрваат штетата нанесена на кампањата на Клинтон.