Поддршка за протестите во Македонија од активистите во регионот

Група бугарски активисти преку видео испратија поддршка до македонските граѓани кои деновиве протестираат во повеќе македонски градови. Група на мировни активисти и активистки од регионот на поранешна Југославија пак со писмо се обратија со демонстрантите, активистите, полицајците и сите граѓани во кое даваат поддршка за ненасилните протести во Македонија.

„Не дозволувајте да ве испровоцираат“, „Ние сме со вас“, „Барајте оставка и ќе добиете оставка!“, се дел од пораките  упатени во видеото на бугарските активисти до македонските граѓани.

Писмото на мировни активисти од регионот на поранешна Југославија го пренесуваме во целост:

„До демонстрантите, активистите, полицајците и другите граѓани на Македонија

Внимателно и со голем страв и анксиозност следиме што се случува во Македонија во последните неколку месеци, и имаме човечка и активистичка потреба да сите вас на улиците ве поддржиме во напорите да се изборите за принципите на демократијата и владеењето на правото и правдата и во напорите за разјаснување на основаните оптужби за прикривање на сторителите на убиства, корупција, злоупотреба на службената положба и против полициската бруталност.

Ненасилните демонстрации во Скопје, а од вчера и во Битола, Прилеп, Куманово и Кавадарци, на сите нас во регионот ни влеваат надеж дека промената е можна, и дека порано или подоцна ќе ги погоди токму оние кои арогантно владеат наместо да бидат во служба на сите граѓани и граѓанки.

Се радуваме на вашата борба за слобода, борба против стравот, измамите, заканите и манипулациите. Посебно сме горди на вашата сплотеност во ненасилната борба, покрај и преку етничките граници, заедно како граѓани и граѓанки.

Се надеваме дека полицајците кои стојат наспроти своите познаници, роднини, комшии и пријатели ќе умеат да ја зачуваат присебноста и да се спротивстават на употребата на сила и дека ќе ја послушаат својата совест и ќе ја зачуваат демократијата и човековите права во Македонија.

Ги повикуваме сите граѓани и граѓанки на улиците да внимаваат на себе, на луѓето околу себе, и да не дозволат провокации, ниту пак ставање на националистички или некои други ознаки на граѓанската иницијатива.

Во надеж дека властите во Македонија ќе ги стават интересите на општеството пред своите лични интереси, ги повикуваме да направат сѐ што треба како би се спречило понатамошното насилство на улиците и незаконското апсење и дека брзо и ефикасно ќе одговорат на барањата на демонстрантите и демонстрантките.“