Поддршка за #Протестирам од Центарот за современи уметности и АКТО

Центарот за современи уметности – Скопје и Факултет за работи штo не се учат/АКТО- Битола/Скопје, како организации кои активно учествуваат во процесите на креирање на критичка и општествено ангажирана култура и уметност, сметаат дека во овој момент е приоритет на било кој општествен субјект да даде поддршка на граѓанското движење #Протестирам.

„Сметаме дека местото на уметниците, на современата уметност и култура во моментот треба да биде со граѓаните во борбата за човекови права и слободи.

Исто така сметаме дека современата уметност не може да биде надвор од општествените процеси, изолирана и незаинтересирана за она што се случува на улиците.

Земајќи ги предвид сите овие причини, во екот на активностите на движењето #Протестирам и борбата на граѓаните за слободно и праведно општество, оваа награда за млад визуелен уметник ДЕНЕС 2016, која се организира по 13-ти пат во земјава, и со која се овозможува на најдобриот автор да престојува на резиденцијален престој во Њујорк, САД, сакаме да потенцираме дека е исто така дел од борбата за поставување на уметноста и културата како активен чинител во борбата за праведно и слободно општество.

Оваа награда треба да стане еден од реперите и водилките за младите уметници кои треба во слободно општество да ги развиваат своите творечки способности како дел од еден поширок општествен ангажман, и со тоа да ја позиционираат културата да биде на значајно и активно место во општеството“, се вели во соопштението.

Инаку вечерва, во Чифте амам ќе биде отворена Биеналната изложба по повод доделувањето на наградата за „ДЕНЕС“ 2016. Годинава номинирани се уметниците Маја Кировска со делото насловено „Филтер“, Драгана Заревска со „Телемама; свечена приредба“ , Ана Јовановска со делото „Дома сум“и Зорица Зафировска со „Споменик на непостоечкото“.