Поддршка за иницијативата за референдум во Општина Центар

Повеќе граѓански здруженија и организации дадоа поддршка на иницијативата на општина Центар за распишување референдум за изгледот на Градскиот трговски центар во Скопје. Меѓу нив се левичарското движење Солидарност, Хелсиншкиот комитет за човекови орава, Центарот за културно наследство, граѓанската иницијатива „Паркобрани“.

Од Солидарност велат дека иако е навидум нелогично една левичарска организација да стои во одбрана на трговски центар, сепак за нив ГТЦ не е трговски центар како нехуманите шопинг молови туку е јавен простор, достапен на сите во било кое време од денот, објект – улица кој е отворен и слободен за сите.

„ Во периодот меѓу изборните процеси граѓаните не треба да бидат изолирани од политичкиот живот и сите одлуки да се носат без нивна консултација само затоа што веќе го дале својот глас. Референдумот е една од формите на партиципативна демократија која овозможува граѓаните директно и недвосмислено да искажат став по било кое прашање кое ја тангира заедницата“, посочуваат од Солидарност.

Од Хелсиншкиот комитет велат дека иницијативата за овој прв граѓански референдум во Центар е значаен исчекор во развојот на граѓанското општество и активната улога на граѓанинот во процесот на донесување одлуки.

„Сметаме дека ова е историски важен момент за македонската демократија и јавно повикуваме на поддршка од сите граѓани и организации кои ги делат демократските вредности. Истовремено, испраќаме апел до сооветниците на Општина Центар да ја подржат иницијативата за референдум, со што директно би им овозможиле на граѓаните да го реализираат своето уставно загарантирано право“, посочуваат од Хелсиншки.

Јавна поддршка за иницијативата за референдум за зачувување на автентичниот изглед на Градскиот Трговски Центар – Скопје изразија и од Центарот за културно наследство.

„Никој нема право од било кое ниво на власт да им наметнува туѓо културно наследство.Токму затоа ја поддржуваме иницијативата за овој прв граѓански референдум во Центар која претставува значаен исчекор во развојот на граѓанското општество и активното учество на граѓанинот во процесот на донесување одлуки.Одбраната на овој објект од агресијата на власта и одредени центри на моќ треба да покаже дека начинот на кој се посегнува по било кое културно наследство мора да биде во иднина санкциониран со Закон“, се наведува во соопштението на  Центарот за културно наследство.

Целосна поддршка за иницијативата даде и граѓанската иницијатива „Паркобрани“ од каде сметаат на овој начин ќе се овозможи граѓаните на општина Центар директно да одлучуваат за прашања кои нив ги засегаат, но и да се обединат по едно прашање кое ги надминува партиските, верските или етничките поделби.

Од Асоцијација на архитекти на Македонија (ААМ), како подносител на барањето за референдум за задржување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар – Скопје, изразија задоволство за прифаќање на оваа иницијатива од страна на општина Центар.

Оттаму велат дека ААМ како единствено професионално здружение на архитектите во РМ има должност и обврска да работи во интерес на негување и развивање на архитектурата и урбанизмот во согласност со архитектонската наука и етика и зачувување на Македонското градителско наследство, во кое несомнено спаѓа и ГТЦ како еден од најмаркантните објекти од нашата понова градителска историја.

„Во оваа најделикатна состојба за архитектурата во РМ, сметаме дека ова е историски важен момент за македонската демократија и јавно повикуваме на поддршка од сите граѓани и организации кои ги делат демократските вредности“, порачуваат од Асоцијацијата.