Поддршка од Студентски пленум за колегите во Тирана

Студентски пленум денеска изрази поддршка и солидарност за студентската организација „За Универзитетот” („Per Universitetin“) од Албанија, која од минатата година одржа два маршеви против усвојувањето на нови реформи во високото образование. Но, поради игнорантскиот однос на властите, студентите во Тирана повторно се решија да маршираат, овојпат, како што најавија, на „одлучувачки марш за универзитетскиот простор“.

„Колегите од Албанија, меѓу првите, со пораки и слики ја поддржаа Автономната зона на Студентскиот пленум, а за време на „Окупацијата“ осум студенти од ова движење ги посетија колегите студенти од Македонија, преспаа и ги споделија нивниот ентузијазам, дисциплина и упорност, кои, практично ги пресликаа во нивната борба во Албанија“, велат од Пленумот.

Студентите во Тирана, повеќе од шест месеци се против реформите, кои според нив, го комерцијализираат знаењето. Тие бараат поголеми инвестиции во образованието и се против финансирањето на приватните универзитети од јавни фондови. Воедно, бараат целосно укинување на партиципацијата која се зголемува секоја година.

„Сега секој е против оваа реформа. Од илјадници студенти, професори, па до родители, вработени, граѓани и интелектуалци. Дури и бирократите кои до вчера беа срамежливи и тивки, денеска најдоа храброст отворено да се спротивстават на катастрофалните последици од реформата“, се вели во Фејсбук настанот за утрешниот марш.

Движењето „За универзитетот“ започна минатата година како отпор против иницијативата на владата да го трансформира Факултетот за рударство и геологија во владини канцеларии за потребите на Министерството за правда. Оттогаш, студентите во Тирана користејќи ги социјалните мрежи ја информираат јавноста за моменталната состојба со испраќање фотографии од акциите и со апели до студентите од целиот свет за поддршка.