Поддршка од НМСМ за ЛГБТИ заедницата во Македонија

Национален младински совет на Македонија по повод 17 мај, Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија потсети на потребата од заедничка битка за унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата во Македонија и потсети дека почитувањето на различностите треба да е еден од најважните приоритети во секојдневното живеење.

„Свесни сме за општеството во кое живееме и за неговите традиционални и силно вкоренети патријархални модели кои повеќе или помалку придонесуваат за секојдневните предизвици со кои се соочува ЛГБТИ заедницата во Македонија, со стереотипите и предрасудите како и насилството кое особено во последните неколку години зазема се поголем замав. Македонија треба да биде земја во која ќе бидат одбранети и почитувани основните човекови права на секој поединец без исклучок и за такво општетсво се бориме. Националниот младински совет на Македонија силно го осудува секој вид на насилство врз секој млад човек без оглед на неговата родова определба, сексуална ориентација, верска и етничка припадност. Веруваме во подобро општество каде заедно ќе се бориме во насока на сузбивање на стереотипите и предрасудите во Македонија, како и обезбедување подобри услови за живот, живот без насилство. Исправени сме пред заедничкиот фронт за обезбедување на еднаков третман на секој човек со фундаментално почитување на различностите“, се вели во соопштението на НМСМ.

Од НМСМ порачуваат дека продолжуваат со давање поддршка за ЛГБТИ заедницата, како и со делувањето во насока на обезбедување општество во кое секој млад човек ќе ужива еднаков третман и благосостојба.