Под земја полесно се дише во Скопје

Мултимедијалниот фестивал Под земја полесно се дише по петти пат ќе се одржи во Скопје на 23-ти декември, сабота, со почеток во 20 часот кај гаражите под плочник.

Ова издание ќе биде алтернатива за подобро здравје, велат организаторите.

„Иако прогласен за најзагаден град во Европа, Скопје останува еден и единствен избор за реализација на овогодинешниот фестивал. Мултимедијалниот фестивал Под земја полесно се дише Ви нуди незаборавна вечер и богат репертоар на културно инхалирање свежа продукција од областа на визуелните и музичките уметности од земјава и странство!“, велат од колективот Кула.

Како дел од музичката програма ќе се претстават:

КОНВОЈ БОНТОН БАЈКЕРА (Белград)
Користат дисторзија исклучиво на „саксофон“ пресетот на клавијатурата. Свират синтетички панк-рок и урлаат за љубовта / омразата помеѓу камионџиите, бајкерите, полицајците, хипиците, одбегнатите средношколки автостоперки и сите останати пробисветови на друмот. На ден на концертот излегува синглот ‘tužićutemami’, најава за нивниот втор албум кој треба да излезе во јануари.

TRANSHUNTER (Скопје)
Јуначки автоматизиран премост на далечни не хумани состојби и нивно ковање во алхемијски оружја на спасение (за некои).

СВЕТЛОСТ (Скопје)
Амбиент-џез трио составено од Нинослав Спировски (кларинет / саксофон), Кристијан Новковски (удиралки) и Дени Омерагиќ (бас / синтесајзер / електроника). Во моментов работат на своето дебитантско ЛП, кое ќе содржи три долги композиции во кои се вклопени стилови како слободен џез, пост-панк, амбиентална и електро-акустична музика.

Покрај ова, фестивалот го претставува спектаклот Шутофонија во изведба на Кула Колектив. Станува збор за проект кој ги брише границите помеѓу двете главни категории на фестивлот, музичката и ликовната продукција.

Кино Ходник е новитет во програмата на фестивалот, простор посветен на аудиовизуелните медиуми каде ќе бидат проектирани експериментални видеа, анимации, краткометражни филмови и сл.

Дополнително, во склоп на фестивалот ќе има и изложба на повеќе млади автори.