Почнуваат уписите во средните училишта, слободни се 35 690 места

Првото пријавување за запишување ученици во прва година средно образование, во учебната 2019/2020 година, во јунскиот уписен рок ќе се одвива денеска и утре, додека ранг-листите со резултатите ќе бидат објавени на 19 јуни. Второто пријавување и запишување на учениците е на 24 и 25 јуни, а третото  на 1 јули.

Како што се наведува во конкурсот на Министерството за образование и наука, слободни се 35 690 места, од кои 24 581 на македонски наставен јазик, 10 123 на албански наставен јазик, 952 на турски наставен јазик и 34 на српски наставен јазик.

МОН најави дека од учебната 2019/2020 година во сите средни стручни училишта ќе почнат да се реализираат новите наставни планови и 1040 модуларно дизајнирани наставни програми за стручно образование со четиригодишно траење. Со нив се предвидува учење низ работа во трета и четврта година како интегрален елемент во системот на техничко образование и повеќе практичната настава и вежби за учениците.