Државните универзитети почнуваат со уписите на нови студенти на нивните студиски програми.
Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип од вчера започна и со физичко пријавување на повеќе пунктови, кое ќе трае до 1 септември, почитувајќи ги протоколите на Владата за превенција од ширење на Ковид-19.
Слободни се 3831 место на сите 12 факултети и 3 академии, информираат од Универзитетот.
Пријавувањето за упис во прва година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе се одвива наредната недела – понеделник и во вторник (31 август и 1 септември). Прелиминарната ранг-листа со резултати од успехот од средно образование ќе биде објавена на 3 септември, конечната ранг-листа на 7 септември, а запишувањето на кандидатите ќе биде на 10 и 11 септември.
Според Конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии во академската 2020/2021 година, на 23-те факултети во склоп на овој Универзитет, слободни се вкупно 10 798 места за идни студенти.
Во тек е пријавувањето и на Универзитетот „Климент Охридски“ во Битола, каде уписот ќе се спроведува во четврток (27 август), понеделник (31 август) и на 1 септември. Универзитетот има 2697 слободни места во склоп на своите 11 факултети.
Насоки за постапување на единиците на УКЛО за време на пријавувањето/запишувањето на кандидатите по Конкурсот во прва година во академската 2020/2021 година.
Posted by Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола on Monday, 24 August 2020
На Државниот Универзитет во Тетово, пак, има 2875 слободни места за упис. Oдговорните известуваат дека поради пандемиската состојба, пријавувањето со документи, проверка на знаења и запишувањето може да се реализира онлајн.
Универзитетот „Мајка Тереза” во Скопје ги информира матурантите и младите лица дека и кај нив започна електронското пријавување за упис на сите студиски програми. Кандидатите на Универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, пак, може да се пријават пополнувајќи некоја од електронските пријави достапни на нивната веб-страница.