Почнуваат 56. Струшки вечери на поезијата

Со традиционалното садење дрво во „Паркот на поезијата“ во чест на лауреатот на „Златен венец“, американскиот поет  Чарлс Симиќ и читање на Константиновата „Т`га за југ“ пред Центарот за култура денеска почнува 56-тото издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата.

На првото поетско читање на овогодишниот фестивал ќе настапат дел од учесниците меѓу кои и годимашниот лауреат, Чарлс Симиќ. Свеченото отворање на фестивалот ќе биде во 20.30 часот на платото пред Центатот за култура „Браќа Миладиновци“. Традиционално вечерта следува меѓународно поетско читање „Поетски меридијани“ на кое ќе настапат триесетина поети од странство и од земјата.

Во текот на шесте фестивалски дена во програмата се предвидени речиси педесет настани, поетски читања, портрети, претставувања на издавачките проекти, сипозиуми, дебати, музички и други случувања. Веќе следниот ден на програмата е портрет на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија Иван Џепароски, а потоа следуваат поетски читања на поети од потесниот избор за оваа награда за 2017 година. Портрет ќе има и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која СВП и УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска книга Горан Чолакхоџиќ од Хрватска.

Неизоставен дел и од овогодишниот фестивал е програмскиот сегмент „Поезија на пат“, што годинава ќе се реализира во Охрид, Битола, Ресен и Скопје. Настанот организиран во соработка со општина Ресен и Центарот за култура „Драги Тозија“ од Ресен ќе се одржи во четврток со почеток во 20.30 часот, а настанот во соработка со Центарот за култура Битола ќе се одржи во петок со почеток во 20.00 частот. Оваа година во Охрид, во „Куќата на Уранија“ на МАНУ во четврток и петок се предвидени поетските читања на дел од овогодишните учесници на СВП. Настаните се предвидуваат со почеток во 20.30 минути. По поетскиот портрет на лауреатот, кој традиционално се одржува во црквата Св. Софија во Охрид, во 22.30 часнот на плоштатот ќе започне големиот поетски митинг насловен како „Созвучја“ . Официјалното затворање на овогодишното издание со поетскиот митинг „Мостови“ ќе се одржи во недела, на 27 август. Со постфестивалските настани во Матка и со поетското читање кај Камениот мост во Скопје ќе заврши програмата на 56-тите Струшки вечери на поезијата.

На 56-тите Струшки вечери на поезијата ќе учествуваат 30-тина поети од земјава и странство, некои од најзначајните поетски творци во светски рамки, какп Дуо Дуо, Ен Мајклс, Ришард Криницки, Јанис Рокпелнис, Хабиб Тенгур и други атрактивни имиња од светот од помладата генерација.

Оваа година СВП со поетски читања на поранешните добитници на наградата „Браќа Миладиновци“ ќе го одбележи 55-годишниот јубилеј од нејзиното востанувување. Неизоставно и оваа година на локациите покрај Охридкото езеро ќе се одржуваат музичко-поетските „Ноќи без интерпункција“.