Почнува српскиот филмски фестивал Кустендорф, стигна и Фархади

Еден од најзначајните режисери на денешницата, Иранецот Асгар Фархади допатува во Дрвенград, Србија каде вечерва по свеченото отварање на фестивалот Кустендорф, ќе биде прикажан неговиот најнов филм „Минато“, објави Б92.

Почнува српскиот филмски фестивал Кустендорф, стигна и Фархади

Седмиот Меѓународен филмски и музички фестивал Кустендорф, кој во Дрвенград се одржува од 18 до 23 јануари, ќе биде во знакот на моментално најактуелните авторски филмови. Нив секако ги предводи Асгар Фархади кој во 2012 година светското внимание го привлече со филмот „Развод“.

По освојувањето на бројни награди на најпрестижните фестивали ширум светот, вклучувајќи ја и Златната мечка на Берлинале, Фархади со потресната драма успеа на својот роден Иран да му го донесе првиот Оскар. Сепак, дел од иранската јавност не гледаше благонаклонето кон неговото дело и критикувањето на актуелната политика на оваа држава, па Фархади следниот филм го сними во Франција.

Токму така настана филмот „Минато“ кој ќе биде прикажан на првата вечер на Кустендорф, по што Фархади ќе одржи работилница наменета за млади филмаџии кои во Дрвенград ќе стигнат од целиот свет, пишува Б92.

Гостинка на Кустендорф ќе биде и главната актерка во филмот, француската ѕвезда Беренис Бежо, која домашната јавност најмногу ја знае по филмот „Артистот“. Во натпреварувачкиот дел од програмата на Кустендорф се најдоа петнаесет филмови од Франција, Сингапур, Израел, Јужна Кореја, Мексико, Полска, Србија, САД, Кина, Иран и Словачка, кои се натпреваруваат за наградите Златно, Сребрено и Бронзено јајце.

Наградата за најдобра фотографија „Вилко Филач“ оваа година ќе ја додели големиот светски директор на фотографија и добитник на два оскари Јануш Камински и Горан Воларевиќ, српски директор на фотографија.

Фестивалската публика може да ужива и во најдобрите остварувања на американскиот нов бран кој тамошната кинематографија ја зафати во седумдесетите години на минатиот век, а на програмата се филмовите: „И коњите убиваат, зар не“, „Плавиот војник“, „Пет лесни парчиња“, „Кабаре“ и „Опасни улици“.

Фестивалот ќе биде проследен со музичка програма која ќе биде отворена денеска со концерт на „Рибја чорба“, додека на 23 јануари фестивалот ќе го затвори француската ѕвезда Заз.

Дрвенград, кој исто така е познат и како Кустендорф или Мечавник, е традиционално село близу српскиот град Ужице, кое српскиот филмски режисер Емир Кустурица го изгради за потребите на неговиот филм „Животот е чудо“.

Извор: Б92