Почнува снимањето на долгометражниот македонски филм „Преекспонирано“

„Проблематична тинејџерка ги истражува темите на осаменост, отуѓеност и лицемерие, нарушувајќи ја рамнотежата на една брачна двојка откако ќе дојде кај нив на гости“.

Ова е сижето за новиот долгометражен македонски игран филм насловен „Преекспонирано“ кој ќе почне да се снима кон крајот на неделава, на локации во Скопје и во Охрид.

Филмот кој е психолошка драма, воедно претставува и долгометражно деби на режисерката и сценаристка Елеонора Венинова.

Продуцентот на филмот Гоце Кралевски од „ДНФ филмс“, посочи дека „Преекспонирано“ ја добил поддршката од Европскиот фонд за поддршка на кинематографијата „Еуроимаж“.

„Драго ми е дека успеваме, и во овој период на затишје за македонскиот филм поради пандемијава, да ги направиме финалните подготовки. Имаме одлична екипа, која не само е професионална туку и строго се придржува на протоколите за заштита и верувам дека ќе се движиме според нашиот план. Локациите се веќе одбрани, а филмот, освен препознатливите пејзажи крај Охридскот езеро, ќе го содржи и урбаниот дел на градот, ова е современа приказна“, вели Кралевски.

Во филмската екипа се впишуваат имињата на актерите Сара Климоска, Благоја Веселинов и Камка Тоциновски.

„Кинематографер е Лев Предан Коварски од Република Словенија, сценограф е Срѓан Митровиќ – Џиџи, Костимограф е Жаклина Крствка а маска Горан Игњатовски“, соопштуваат организаторите.

Филмот е копродукциски проект кој, освен од Агенцијата за филм, добил поддршка и од Филмскиот центар на Србија и „СЕЕ Синема Нетворк“, а поддршката од „Еуроимаж“ е во делот на развој на копродукции.

„Изминатиов период филмот учествуваше на повеќе работилници за развој, меѓу кои се и програмата ‘Директорс фортнајт’ во Кан, Сараево филм фестивал, ‘Синемед’ во Монпелје и многу други. ‘Преекспонирано’ е во продукција на ‘ДНФ филмс’“, соопштуваат организаторите.

Режисерката на филмот Венинова зад себе има три краткометражни филмови „Знакот“, „Влакна“ и „Борба за смрт“, како и повеќе серии. „ДНФ филмс“ пак, ја потпишува продукцијата и на краткометражните „Борба за смрт“, „Последните камбани“ и „Бале“.