Почнува првиот саем за накит во Скопје

Во организација на Јавна Соба и „KAPKA Jewelry“, од 7 до 9 октомври во просториите на Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, ќе се одржи првото издание на Саем за накит и модни додатоци, „Накит 2016“.

„Накит 2016“ ќе има продажен карактер и е наменет за пошироката публика, за познавачите на добриот накит, за љубителите на модните дадотоци, за конзументите на добрата атмосфера и забава.

Саемот ќе биде збогатен со предавања, работилници, и секако многу дружење и музика. Почнува во петок (7 октомври) во 21 часот, со диџеј сет на Соња Исмаил.

Истиот ден, пак, од 17 до 20 часот саемот ќе биде отворен за сите оние кои сакаат да се освежат со коктел, а ќе имаат привилегија први да ги погледнат колекциите на дизајнерите.

Во сабота, од 17 ч. ќе се одржи матине со диџеј Шурбеира. Во попладневните часови, од 16 до 20 ч. предавања ќе одржат дизајнерките на накит Биби Клекачкоска, Мима Пејоска и Бранка Данчевска, како и Ана Димчевска, конзерватор за метал во Музејот на Македонија. Саемот ќе биде отворен за посетители од 10ч. до 22ч. во сабота и од 10. до 18ч. во недела.

Во рамки на саемот предвидени се и две работилници за деца, во сабота од 17 до 19 часот и во недела од 11 до 13 часот со уметницата Ина Михајлова.

На саемот, во оваа негова прва година на реализација, настапуваат изработувачи и дизајнери на накит од Србија, Бугарија и Македонија.