Почнува „Остен биеналето на цртеж Скопје 2016“

Во галеријата „Остен“ денеска беше отворена официјалната програма на „Остен биеналето на цртеж Скопје 2016“. Годинава на објавениот отворен повик се пријавиле 690 автори од целиот свет, од 66 држави со 2 240 дела.

Програма на биеналето годинава ќе трае подолго, преку континуирани еднонеделни изложби, со кои ќе се претстават сите уметници, селектирани од страна на интернационалното жири.

Највисоката награда, „Гран при за животно остварување“ ја доби скулпторот Тони Крег, кој живее и работи во Германија. Наградата „Светско културно наследство“, која се доделува на починат уметник кој направил значително влијание на светската уметност, оваа година му се доделува на Салвадор Дали од Шпанија.

За наградите „Гран при“ и „Светско културно наследство“ одлучува Бордот и Советот на амбасадори на „Остен“.

Во соработка со Светската асоцијација на визуелни уметности се доделува наградата „Уметник на светот“ на двајца уметници, Родољуб Анастасов од Македонија и Јиржи Андерле од Чешка.

Од денеска до трети октомври ќе бидат изложени делата на уметниците Тони Крег, Салвадор Дали, Јиржи Андерле и Родољуб Анастасов.

Интернационалното жири, во состав Урсула Боде од Германија, Венцеслав Антонов од Бугарија и Патриција Шнел-Гутиерез од САД донело одлука од 690 автори, 250 да бидат претставени со една репродукција во каталогот на биеналето на цртеж. Жирито донело одлука да се доделат повеќе награди.

Ген Моримото од Јапонија ја добива првата награда за цртеж, а прва награда за сликарство на хартија Јошкин Шиљан од Србија. Прва награда за графика добива Деница Јанева од Бугарија, прва награда за оригинално дело Џоан Белмар од САД и прва награда за млад уметник Александра Манѕари од Грција.

Наградатата „Златен остен“ ја добиваат Алтај Алдоган од Турција, Елпида Хаџи-Василева од Велика Британија, Мириам Хофер од Германија, Тијана Којиќ од Србија и Ирена Паскали од Германија.

Посебна награда од жири добија Блажеј Балаж од Словачка, Пол Меклоски од Ирска и Марија Алексиева од Бугарија. Посебно признание од жири добија Мати Грунберг од Израел и Маргерита Касара од Италија.

Наградата „Остен“ ја добија Лукаш Богдан од Полска, Мате Ѓорѓевиќ од Србија, Чртомир Фрелих од Словенија, Камелија Отеро од Франција, Едита Патова од Чешка и Катаржина Томашевска од Полска.

Посебно признание од „Остен“, за национална колекција добива Полска, за индивидуална колекција Гидре Ришкуте од Литванија, а за легат Томијуки Сакута од Јапонија.