Почнува новиот „Д Фестивал“ – сите важни информации на едно место

Од денеска (петок 4 јули), па до недела (6 јули) во Штип ќе се одржува новото издание на „Д Фестивал“, прво откако овој летен фестивал се пресели од Дојран.

На агендата се околу 30-ина настапи, распоредени низ три денови на два стејџови: главниот „Curious X main stage“ и „Mosquito“.

На „Mosquito денеска на агендата од 18 часот се диџеј Мана, „КЕМ“, „Паркети“, „Љубојна“ и „Пијан Славеј“, додека на главната бина од 19 часот, па се’ до неколку часови по полноќ ќе настапуваат Битолски камерен оркестар со Драган Мијалковски, „Фолтин“, „Буч Кесиди“, „Архангел“ и диџеј Флудер.

Од Пасворд објавија мапа на фестивалот, каде на едно место се собрани сите содржини и местоположбата на стејџовите, со цел полесна ориентација.

Постои и интерактивната мапа на официјалниот сајт: https://dfestival.mk/

За сите што викендов на „Д фестивал“ во Штип ќе доаѓаат со автомобили, организаторот објави и мапа со локации на бесплатни паркинг простори, кои може да ги опслужуваат фестивалџиите.

„Сите се во радиус од максимум 1 км или 15 минути пешачење до локацијата на фестивалот“, објаснуваат од „Пасворд“.

Влезот е бесплатен, но можат да се купат хуманитарни билети на dfestival.mk и да се донира за иницијативата „Support Кочани“.

„Не се задолжителни, но апелираме да покажете хуманост во што поголем број“, велат организаторите.

Во фестивалската зона, плаќањето ќе се врши со т.н. „Танте картички“.

Како што информираат од „Пасворд“, на фестивалот не е дозволено да се внесува храна и пијалоци.

„Забрането е и внесување на стаклени шишиња, шишиња полни со течност, алкохол, дезодоранси, било какво оружје, инструменти, распукнувачки материјали, професионална опрема за снимање“, соопштуваат организаторите.

Условите во кои ќе се одржи ова издание не дозволуваат организирано кампување.

„Враќањето на кампот очекувајте го за ‘Д Фестивал #16 во 2026’“, соопштува „Пасворд“.