Нова група артисти најавени за „Д Фестивал“

Лека полека почнува да се обликува програмата на овогодинешниот летен фестивал „Д Фестивал“, кој ќе се одржува од 30 јуни до 2 јули во Дојран.

Првиот потврден артист од програмата на Smooth stage е АудиоЦигла.

„Во само година и пол од неговиот почеток АудиоЦигла инспириран од електронската музика го најде своето место на македонската музичка сцена во алтернативната поп музика, како што ја опишува тој. Со неколку синглови кои брзо ја освоија публиката и скоро издадено EП, тој сигурно ја втемелува својата уникатна музичка приказна која навестува возбудлива кариера“, велат од „Пасворд“, велат организаторите на „Д Фест“.

На новото издание ќе настапува и Smoke Mardeljano, најавен како неприкосновен претставник на бунтовната генерација од белградската хип-хоп сцена и име со најголем респект на Балканот кога е во прашање рапот од старата школа.

„На Mardeljano му е потребен само еден микрофон да ја раскаже суровата вистина за животот. Автентичен, вонсериски мајстор на жанрот, непосреден, брутално искрен, без фолирање и без резерва! Оние кои барем еднаш доживеале да го гледаат Smoke на сцена, знаат дека негов концерт не смее да се пропушти“, стои во најавата.

Понатаму, најавен е и Sigala, кој го карактеризираат како „авторот на глобалните хитови кои се прва асоцијација за летните денови“.

„Со фантастична енергија на настапите и безброј хитови на светските топ листи, Sigala го има запечатено своето место како најиновативен продуцент во денс музиката денес. Неговиот неоспорен талент го потврдуваат и великаните на светската денс сцена, па тој се потпишува и зад бројни соработки со ѕвезди како Kylie Minogue, Sean Paul, John Newman, Nile Rogers, DJ Fresh, Meghan Trainor, French Montana и многу други. Спреми се за танцување, во најава е нова журка за памтење“, велат од „Д Фест“.

На Smooth Stage ќе се качи „Red18“, нов бенд од Скопје кој е добро познат меѓу помладата публика, а сега за прв пат ќе се претстави и на „Д Фестивал“.

„Главен концепт на бендот е да не се ограничува жанровски, едноставно да креира музика“, соопштуваат организаторите.

Од скопската рап сцена доаѓа Maximus Vandal, за кого велат дека е неприкосновен во неговата работна етика, посветеност и пасијата кон музиката.

„Зад себе има објавено соло албум со име ‘Лирички вандализам’ и EP со наслов ‘Петарда’. Член е на хрватскиот лејбл ‘Balkan’s finest’, има остварено соработки со врвни продуценти како Гоце САФ, Druggy, Be Franky (Germany) и во моментов работи на неговиот втор соло албум кој ќе излезе годинава“, велат од „Д Фест“.

Како последна деновиве беше најавена „електро-поп фантазијата“ – Миа Перевска.  За неа посочуваат дека како нов домашен електро-поп артист кој твори и интернационално, за кратко време се најде и на европските топ листи со својот експериментален звук.

„Најновиот сингл Follow со кој ја најави претстојната година, отвори нова светлосна ера која ветува експресивност и автентичност во она кое ќе следи од нејзе. Таа на Д Фестивал ќе се претстави на Smooth Stage заедно со својот бенд“, соопштува организаторот.

Инаку, досега на „Д Фестивал“ се најавени: домашните бендови „Peach Vice“ и „Смат“, потоа уметницата Зарина Првасевда и составот „Баклава“, култните треш-металци „Креатор“, грчкиот рок-бенд „1000Mods“, псај-техно диџејката Индира Паганото, раперката Мими Мерцедез, пејачката Алина Паш и инди-рокерите „КОИКОИ“.