Почнува Неделата на италијанскиот јазик

Започна шеснаесеттото издание на традиционалната Недела на италијанскиот јазик, која претставува најголемата културна манифестација за промоција на италијанскиот јазик и култура, а се одржува традиционално во октомври, ширум светот.

Овогодишната тема со која се поврзани многубројни настани и во Скопје, Тетово и во Струмица, гласи „Италијанскиот јазик и креативноста: брендови и традиции, мода и дизајн”.

Во ЕУ Инфо центарот денеска беше претставена мултимедијалната уметница и дизајнерка, Дијана Томиќ – Радевска, по што следуваше модната ревија на младиот македонски стилист Драган Христов.

Македонската јавност, благодарение на Италијанскиот институт Данте Алигиери од Скопје, годинава ќе има прилика да се запознае и со младата писателка Рафаела Ромањоло, финалистка за 2016 година на најголемата италијанска награда за роман Стрега.

Во рамки на манифестацијата, започнува и четвртото издание на Филмскиот Фестивал за млади Џифони Македонија, чиешто овогодишно отворање ќе се одржи на 21 октомври во вечерните часови во просториите на Кино Милениум, проследено со нов италијански филм.

Во периодот од 31 октомври до 5 ноември ќе се одржи и мини Саем на италијански книги.