Почнува најновото издание на „Мал битолски Монмартр“

Вечерва во Старата битолска чаршија започнува 33-то издание на меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монматрт“. Како што информираат од детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“,  најголем дел од учесниците од повеќе градови во светот веќе се пристигнати во Битола.

Почнува најновото издание на „Мал битолски Монмартр“

На вечерашното свечено отворање, деца од 18 држави во светот на својот мајчин јазик ќе го поздрават и отворат овој културен настан. Годинaшни лауреати се децата од интернационалната ликовна академија „Сампат Рекна Коломбо“ од Шри Ланка, а специјални награди ќе добијат и учениците од уметничките училишта од Коџаели-Турција и „Петар Лубарда“ од Цетиње-Црна Гора.

„Цртањето инспирирано од староградската архитектура почнува од утре кога воедно ќе го одбележиме патронатот на студиото, големиот македонски државен празник посветен на сесловенските учители и просветители „Свети Кирил и Методиј“, в недела ќе престојуваме во Охрид, а во понеделник децата од светот ќе цртаат во Крушево – градот на културата прогласен од Министерството за култура за оваа година“, вели  Коста Хаџиантоновски, раководител на студиото и основач на „Мал битолски Монмартр“.

Сенка на ова издание на ликовната колонија фрли пожарот кој пред неколку дена го зафати приземјето на Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј”во Битола кога изгореа повеќе од 300 цртежи од годинешниот „Мал битолски Монмартр”.