Почнува „Гејмском“ – најголемaтa играчница на светот

Почнува „Гејмском“ - најголемaтa играчница на светотСаемот за интерактивна забава „Гејмском“ (gamescom) кој се нарекува „најголемa играчница на светот“  почнува денеска во Келн, Германија.

Трката по влезници за саемот е ненамалена, а до 25 август во Келн се очекуваат повеќе од 275 илјади посетители од над 80 држави, меѓу кои 24.500 експерти, објави Дојче веле. Прв пат од петгодишното постоење на саемот, комплетно пополнети се сите 140 илјади метри квадратни изложбен простор.

„Очекуваме повеќе од 635 излагачи од над 40 држави, кои ќе презентираат најмалку 400 новитети“, објаснува шефот на саемот, Гералд Безе.

Токму од овие 400 новитети, браншата очекува зголемување на прометот, зашто во првата половина од оваа година приходите беа полоши од очекуваното. Продажбата на компјутерски и видео игри беше намалена за 3,5 проценти.
Познавачите на браншата причината ја гледаат во смената на генерации кај играчките конзоли. Се‘ додека потрошувачите очекуваат појавување на нов хардвер на пазарот, купуваат помалку. Наесен и в зима оваа година на пазарот ќе излезат дури три конзоли, а со нив мноштво игри. Најголем дел од нив се компатибилни со постојните и новите конзоли, што порано не беше секогаш така.

„Најмногу се надеваме на пораст на продажбата на игри за конзоли, компјутери или мобилни апарати“, вели Максимилијан Шенк, шеф на Сојузното здружение за интерактивна забава, БИУ. Така, во првата половина од 2013 година биле продадени вкупно 34,4 милиони игри. Благодарение на новитетите кои ќе стигнат на пазарот, се очекува до крајот на оваа година продажбата да достигне 76,5 милиони игри.

Според Битком, германското здружение на ИТ-компании, во Германија компјутерски игри играат вкупно 25 милиони луѓе. Притоа, се‘ повеќе се користат смарфоните и таблет-компјутерите. Браншата во овој сегмент очекува најсилен пораст – од 20 проценти. Во оваа година се прогнозира зголемување на прометот од 3,5 проценти, на 1,9 милијарди евра.