Почнува филмскиот фестивал „SEE A Paris & Berlin“ посветен на Југоисточна Европа

Во Берлин денеска ќе почне 6. Фестивал „SEE A Paris & Berlin“, кој носи пресек на најновата филмска продукција од земјите на Југоисточна Европа. Фестивалот, кој пред шест години почна во главниот град на Франција како „SEE A Paris“, од лани се одржува и во Берлин под наслов „SEEFF in Berlin“, а од оваа година ќе патува и во Кина, во градот Нингбо како „SEE in Ningbo“.

Фестивалот во Берлин ќе се одржува на престижниот и над 200 години стар Хумболтов универзитет, од денеска до 29 мај, а потоа „SEE Film Festival“ се сели во Париз, каде што од 1 до 5 јуни првпат оваа година Фестивалот ќе се оджува во театарот „Палас“. Од 8 до 12 јуни, пак, овој филмски караван ќе се одржува во Музејот на уметностите во градот Нингбо.

Организатор и претседател на Фестивалот е Јордан Плевнеш, ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА. Мото на фестивалот е „Балканот во срцето на светот“.

Во програмата се 65 филма и во сите три градови оваа година нуди многу интересни наслови. Меѓу нив се македонските „Три дена во септември“ на Даријан Пејовски и „Обожение“ на Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш, потоа хрватскиот „С` најдобро“ на Снежана Трибусон во кој играат Ксенија Маринковиќ, Богдан Диклиќ и Горан Навоец, како и српскиот „Аманет“ на Немања Ципраниќ со Даница Максимовиќ и Светозар Цветковиќ.

Ќе биде прикажан и бугарскиот филм „Вујко Тони, тројца будали и тајна служба“ на Мина Милева и Весела Казакова продуциран од „Активист 38“. Фокусот на филмот е на набљудувањето на политичката хиерархија меѓу уметниците во тоталитарното општество, а група интелектуалци направи и веб-страница на која бараа поддршка за слободата на говор и изразување во Бугарија. Овој филм имал рекорден број прикажувања во земјата.

Во главната програма е вклучен и косовскиот филм „Татко“ на Висар Морина, во кој Македонија е копродуцент, а исто така и турскиот филм „Чвор“ на Тунк Давут, кој беше прикажан годинава на Сараевскиот фестивал. Во програмата ќе може да се види и романскиот „Билион стар хотел“, унгарскиот „Во вортекс“, грчкиот „Тишина“ и други.

На првото издание на фестивалот во Нингбо, Кина, ќе бидат прикажани главно краткометражни филмови, меѓу кои и македонските: „Сивата шума“ на Ѓорѓи Лазов, „Пепи и Муто“ на Георги Унковски, „Повик во ноќта“ на Трифун Ситниковски, „Повик“ на Сара Александровска и „Децата на мојот татко“ на Бесфорт Имами. Во Кина ќе се прикаже и омнибусот „Некои други приказни“ и се очекува да бидат присутни режисерките Ивона Јука и Марија Џиџева.

Покрај репрезентативната програма, фестивалот ќе има и голем број придружни настани и познати гости.

– Со еден збор, годинава на фестивалите на Југоисточна Европа на едно место ќе се соберат многу легенди. Специјален гостин оваа година е големиот југословенски режисер Вељко Булаиќ („Воз без возен ред“, „Козара“, „Битката на Неретва“, „Големиот транспорт“), кој ќе биде прогласен за „СЕЕ филмска легенда“. Наградата „СЕЕ актер“ ќе му припадне на исклучителниот црногорски театарски и филмски актер Бане Поповиќ, а во исто време во градот на светлината ќе пристигне и еден од најангажираните југословенски и српски автори, Желимир Жилник, кој ќе одржи работилница. Публиката ќе може да го види и неговиот нов, ангажиран филм на тема мигранти, а насловен „Дестинација Србистан“, информира организаторот.

На свеченото затворање на Фестивалот во Париз, Есма Реџепова која го носи епитетот кралица на ромската песна, ќе биде прогласена за „СЕЕ музичка легенда“.