Почнува фестивалот Млад отворен театар, по 40-ти пат

Со претставата „Пред“ на швајцарската танц-група „Алијас“ од Женева, вечер на големата сцена на Македонската опера и балет ќе биде отворен јубилејниот 40 Меѓународен театарски фестивал „Млад отворен театар“ (МОТ), што ќе се одржува до 28 септември.

„Бариери“ е годинашново мото на фестивалот. Посетителите ќе можат да погледнат седум меѓународни и исто толку македонски претстави и да ја проследат промоција на книгата „Моќта на театарот – 40 години МОТ“ на почесниот претседател на фестивалот Љубиша Никодиновски-Биш. Предвидени се и три панел конференции.

Вечерва, со почеток во 22:30 часот во Младинскиот културен центар ќе биде прикажана претставата „Комплекс Ристиќ“, копродукциски проект меѓу Македонија, Србија, Хрватска и Словенија. Дел од програмата се „Гогољ центар“ од Русија со „Самовили“, наменета за публика над 16 години, „Друга страна“ чиј автор е Дејан Дуковски, а во изведба на танц театарот „Лидија Литос“ од Атина, „Белорускиот слободен театар“ од Англија со „Црвена шума“, „Неопланта“, претстава на Новосадскиот театар „Ујвидеки синхаз“, а за затворање е претсватата „А каде е револуцијата, стоко?“, на Монтажстрој од Загреб.

Првпат на фестивалот ќе се прикажат македонски претстави, кои според извршниот продуцент Русе Арсов се релевантни да се прикажат. Ќе се прикажат „Време на забава“ на Театарската трупа „Гнев“ од Скопје, „Солун, град на духови“ на Театарот на навигаторот Цветко од Скопје, „Федра“, копродукција меѓу Велешкиот театар и Словенско младинско гледалишче, „Прометеј“ на Турскиот театар од Скопје, „Дневникот на лудакот“ на Moving Music Theatre од Битола, „Кој пукаше на 21-ви? на Младинскиот културен центар и „Електра“ на МНТ.

МОТ ќе се одржува на неколку локации, во Македонската опера и балет, Младинскиот културен центар, Театар Комедија, Македонскиот народен театар и Музејот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Град Скопје го поддржува фестивалот со два милиона денари, а Министерството за култура со пет милиони денари. Изминатите години на фестивалот како учесници биле презентирани театри, театарски групи и самостојни театарски уметници од над 70 држави од Европа и од светот, со повеќе од 700 изведби.