Почнува Бич ран 2016 во Скопје

Денес на кејот на Вардар во Скопје, поточно кај скејт паркот во Центар, со почеток во 18 часот, ќе почне летната серија од пет трки на плажа низ Македонија.

Должината на трката изнесува 5 километри и ќе се трча долж кејот до мостот кај хотелот „Александар Палас“ и назад. На трката во Скопје ќе има специјален штанд со органски производи од македонски производители, на кој учесниците и публиката ќе имаат можност за дегустација и набавка на здрави органски продукти.

Во трките кои се дел од серијата Бич ран (Beach Run 2016) може да учествуваат сите оние кои го сакаат трчањето и тоа на сите, неколку или една трка. Остварениот резултат на секоја од трките носи соодветен број на бодови според кои се формира табела со резултати, чиј финален изглед ќе ги даде победниците на летната лига во трчање на 5 километри.

За победниците на секоја од трките и на целата лига е обезбеден паричен награден фонд од 1 000 евра и врвна спортска опрема за трчање од производителот „Nike“.

Настанот има за цел да го популаризира активниот спортски живот и трчањето во летниот период, кога луѓето се обично на одмор и на плажа.

По денешната прва трка во Скопје, следуваат трките во Претор на 10 јули, Дојран на 17 јули, Маврово на 24 јули и завршната трка во Охрид на 31 јули.

Настанот го организира Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ од Скопје во соработка со локалните самоуправи и со поддршка на деловната заедница.